Четиридневната кошаркарска претстава во домашниот Куп започнува со двата денешни натпревари МЗТ Скопје-Струмица и Работнички-Фени Индустри во Салата „Борис Трајковски".
Македонскиот кошаркарски шампион е минатогодишниот победник на ова натпреварување, а по завршувањето на големите возбудувања во АБА лигата, тимот од Аеродром ќе се насочи во одбрана на трофејот.
Огромно внимание предизвикува и втората вечерашна пресметка помеѓу Работнички и Фени кои играат во одлична форма и се на двете први позиции во првенството.
На утрешната програма се останатите два четврфинални дуели помеѓу екипите на Кожув и Вардар и Лирија и Куманово. Со оглед на извлекувањето на ждрепката, многу поинтересен ќе биде исходот од вечерашните два меча кои можат да донесат полуфинале помеѓу големите градски ривали МЗТ и Работнички.
Полуфиналните мечеви се закажани за во сабота, а големото финале се игра во недела кога ќе биде познат новиот освојувач на Македонскиот кошаркарски Куп.
Најтрофејниот клуб во ова натпреварување со 8 освоени пехари е Работнички, а втор е МЗТ Скопје со 5 титули.