Мекејлеб најдобар стрелец во Евролигата

Македонскиот репрезентативец Лестер Бо Мекејлеб го доби „Алфонсо Форд" трофејот кој се доделува на најдобриот стрелец во кошаркарската Евролига.

Со просек од 16,88 поени на 17 одиграни натпревари, Лестер Бо Мекејлеб го заслужи признанието за најдобар стрелец во Евролигата. „Алфонсо Форд" трофејот ќе му биде доделен на завршницата на Фајнл Фор турнирот во Истанбул.

Ова е најдобро издание на Мекејлеб во трите одиграни сезони во Евролигата. Тој на сите од 17-те одиграни натпревари имаше двоцифрен број на поени, а на четири натпревари постигна и над 20 поени. Македонскиот репрезентативец е првиот плејмејкер кој го освоил ова престижно признание.

Претходно, Игор Ракочевиќ во три наврати ја освои наградата за најдобар стрелец (2007, 2009, 2011), а по еднаш наградата ја имаат освоено и Линас Клеиза (2010), Марк Слеерс (2008), Дру Николас (2006) и Чарлс Смит (2005).

17 април 2012 - 10:40