Матине дебакл во Белград за МЗТ Скопје

Во попладневниот термин, кошаркарите на МЗТ Скопје со тежок пораз од Црвена звезда 89:56 ги завршија натпреварите во Јадранската лига. Избраниците на Пипан останаа да се борат на еден фронт, оној во домашното првенство.

Кошаркарите на Црвена звезда одамна го обезбедија првото место во АБА лигата, додека МЗТ Скопје стави крај на една прилично неславна сезона на Јадранот со 7 победи и дури 19 порази. Во натпревар без никаков резултатски значај, домашните кошаркари демонстрираа сила уште од самиот старт и првата четвртина ја решија со убедливи 20:8.
 
Втората четвртина ја најави и резултатската катастрофа на „Металците“ кои во еден момент губеа 33:8 и речиси цели девет минути не постигнаа кош. До полувремето, лидерот во првенството имаше 26 поени предност и на паузата замина со 45:19.
 
Идентична слика и во второто полувреме. МЗТ со шут од далечина се обидуваше да стигне до пристојна негатива, но Цирбес и Никола Калиниќ не дозволуваа драстична резултатска промена. МЗТ Скопје постигна 17 поени во третиот период, но на семафорот и натаму стоеше 71:36. „Штрковите“ очајно шутираа и за три поени, па до последниот период имаа само 3 погодени од 19 обиди за три поени. МЗТ Скопје го доби последниот период 20:18, но тоа не го спречи рекордниот пораз на Аеродромци во Јадранската лига.
 
Мајк Цирбес со 19 поени и 9 скокови беше најефикасен играч на натпреварот, а Стефан Синовец кај МЗТ постигна 14 поени.
 
Конечниот резултат 89:56, само ја отслика состојбата во АБА лигата и очајната сезона на МЗТ Скопје во нивниот трет настап во регионалното натпреварување. Со последната аквизиција во тимот, Србинот Данило Мијатовиќ, МЗТ ќе се обиде да ја одбрани титулата во македонскиот шампионат.
22 март 2015 - 13:37