Марче пресече, Магдевски и Јаневски не одат на ЕП

Младиот Андреј Магдевски и крилниот центар Марјан Јаневски се кошаркарите кои отпаднаа од конечниот список на кошаркари кои ќе играат за Македонија на претстојното Европско првенство кое се игра во четири земји.

По неколку месечни подготовки за настап на континенталниот шампионат во Загреб, МКФ одлучи да го достави конечниот список на играчи кои во сабота ќе го отворат ЕП против Грција во 18:00 часот. Делумно е очекувана одлуката на селекторот, на ЕП да не патуваат младиот Магдевски и Марјан Јаневски, кошаркари кои немаа голема минутажа на пријателските средби во пресрет на турнирот.
 
На ЕП дресот на Македонија ќе го носат: Владо Илиевски, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Дарко Соколов, Александар Костовски, Марко Симоновски, Владимир Брчков, Стојан Ѓуровски, Љубомир Младеновски, Предраг Самарџиски, Ричард Хендрикс и Бојан Трајковски.
 
Покрај селекторот Србиновски во стручниот штаб на нашиот национален тим се и тренерите Перо Блажевски и Александар Јончевски и италијанскиот стручњак за физичка подготовка Џакомо Браида. Повратникот и лидер на националниот тим, Струмичанецот Владо Илиевски вели дека целта пред ЕП е да се мине првата фаза а потоа да се оди чекор по чекор.

„Очекувањата се исти какви што беа на стартот на подготовките - за нас ќе биде огромен успех ако успееме да ја минеме првата фаза и сигурно ќе дадеме сè тоа да се случи. Подготовките минаа одлично, поминавме добро, играме добро и на моменти покажавме дека може да се носиме со сите иако резултатски тоа не изгледаше како што сите очекувавме. Се надевам дека на ЕП ќе го покажеме вистинското лице", изјави кошаркарот кој ѝ пресуди на Литванија со фамозната тројка на минатото ЕП и кој пред два месеци потпиша за тимот на Орландина од Италија.

Македонија ќе игра во групата Ц, каде покрај Грција за ривали ќе ги има уште и Холандија, Хрватска, Грузија и Словенија. Пренос на дуелите од ЕП ќе има на Сител ТВ.