Македонија без сила за подвиг, Естонија оди на Евро 2022

Македонската кошаркарска репрезентација со кош во последна секунда успеа да ја совлада Естонија 86:84, но недоволно за да ги надомести оние -9 колку што изгубивме лани во Скопје, така што Естонците ќе патуваат на континенталниот собир.

Селекторот Ацо Тодоров за последниот меч од квалификациите се реши за петорката која го изнесе целиот товар во „меурот“ во руски Перм, со тоа што главните играчи Ненад Димитријевиќ и Дамјан Стојановски беа ровити.

Македонија одигра четири натпревари во пет дена и како последица на тоа кошаркарите ги стигна умор. Ширината на ростерот е таква каква што е, така што не може да им се замери многу на нашите кошаркари кои играа во склад со нивните можности.

Избраниците на Тодоров го отворија решавачкиот меч за пласман на Европско со тројката на Бојан Трајковски, но Естонците брзо се вратија, го презедоа водството и не го испуштаа до крајот на првиот дел. Трејер, Котсар и Куламае беа нерешлива енигма за нашата одбрана, а на другиот дел од теренот нападот ни беше тенок (Димитријевиќ 9 поени, Дамјан 3, Војдан 2).

Првата четвртина заврши 27-18 за Естонците, кои исто како нас не играле на Европско првенство уште од 2015-та. Во тој период стана јасно дека нашите кошаркари ќе мора да одиграат надреално па да ги надоместат оние -9 поени од поразот лани во Скопје за да се пласираат на најголемиот континентален собир. Дамјан Стојановски, нашиот клучен играч беше непрепознатлив во првиот дел со само 2 поени, можеби негово најслабо полувреме во репрезентативната кариера.

Естонија од друга страна,конкретна и агресивна, Македонија напаѓачки катастофална во првиот дел (3/14 за три, 9/15 слободни фрлања). Бледо ја одигравме и втората четвртина која Естонија ја доби 22-20 па на полувреме македонските кошаркари заминаа со -11 (49-38).

******

Во вториот дел за многу краток период експресно се вративме. Со тројката на Дамјан Стојановски и 4 врзани поени на Вајли, Македонија стигна на само -4 (57-53). Бојан Трајковски (18 поени до третиот период) и Џејкоб Вајли го држа противникот одново да не избега во водството, а во последните 10 минути влеговме со пристојни -6.

А таму, во последниот квартал, речиси 4 минути бевме без поени, направивме и многу грешки во додавања плус нерезонски шутеви, па ривалот го користеше тоа и кош за кош лесно ја чуваше позитивата од +6 +7.

Во завршницата, Вајли и Нено Димитријевиќ беа творци на еден мини-пресврт (81-80), а токму лидерот на шпанска Уникаха со тројка со звукот на сирената успеа да и донесе пирова победа на Македонија која остана со празни раце.

Ненад Димитријевиќ уфрли 23 поени со 3 скока и 5 асистенции, Бојан Трајковски имаше 21 поен со 6 скока и 1 асистенција, а Американецот Вајли додаде 18 поени со 14 скока и 1 асистенција. Кај Естонците, Котсар беше најефикасен со 15 поени, 8 скока и 4 асистенци, а Трејер забележа 14 поени со 12 скока. 14 поени додаде и Куламае.

На крајот, кога се ќе се сумира, Македонија во Перм одигра 5 натпревари, забележа 2 победи, 2 порази и не обезбеди пласман на Европско првенство. Од нашата група на ЕП2022 ќе играат Италија (еден од домаќините), Русија и Естонија.