Макаби Тел Авив го наследи Олимпијакос кој го поседуваше престолот на најквалитетното кошаркарско клупско натпреварување во Европа минатите две години.
Кошаркарите на Макаби беа најголеми аутсајдери на завршницата од Евролигата, но најпрвин изненадија со победата над ЦСКА во полуфиналето, а успехот го продолжија и против Реал Мадрид во финалето на фајнал-фор турнирот.
Реал Мадрид не се наметна и не ја повтори доминантната играта од полуфиналето против Барселона и покрај тоа што важеше за голем фаворит во финалето против Макаби. Двете екипи константно се менуваа во водството во текот на целиот натпревар и не успеваа да направат сериозна предност, а на полувремето Реал имаше предност од 35:33.
Израмнетата игра продолжи и во второто полувреме и Макаби во последната минута влезе со предност од четири поени, но Реал израмни, а Рајс промаши тројка за победа во последниот напад по што регуларниот дел од натпреварот заврши со резултатот 73:73.
Во продолжението повторно на сцена стапи Рајс кој во овој период постигна дури 14 поени и го предводеше Макаби до триумф од 98:86.
Тајрис Рајс постигна 26 поени, а во редовите на поразениот тим се истакна Родригез со 21 поен,
На натпреварот за третото место, Барселона бргу се опорави од дебаклот во полуфиналето против Реал Мадрид и ја совлада ЦСКА од Москва со 93:78.