Кризата во Кливленд никако да заврши и по тешката повреда на Андерсон Варежао, екипата предводена од Дејвид Блат, сега остана и без својот најдобар играч. „Кралот“ Џејмс неколку натпревари играше под инјекции, за намалување на болките во левото колено и во 'рбетот, но бројот 23 ќе мора да оди на терапија.
Инаку ова е „најтешката“ повреда на Леброн Џејмс во неговата кариера, претходно еднаш во сезоната 2007-2008 пропушти пет натпревари по ред, поради проблем со палецот на ногата. Доколку се остварат предвидувањата околу опоравокот, Леброн ќе ги пропушти веројатно следните седум натпревари на Кливленд (може да се и девет, затоа што тимот од Охајо од 9 до 15 јануари ќе има серија гостувања на Западот). Џејмс најверојатно ќе ги пропушти дуелите против Шарлот, Далас, Филаделфија, Хјустон, Голден Стејт, Сакраменто и Феникс.
Леброн Џејмс веќе ги пропушти средбите против Атланта Хокс и Милвоки Бакс, поради болки во левото колено кои се зголемија по божиќниот дуел и поразот од Мајами. Враќањето на Леброн се очекува за 19 јануари, кога во Квикен Лоан Арената ќе пристинат „биковите“ од Чикаго.
Повредата на Леброн доаѓа во најнезгоден момент за Кливленд, затоа што тренерот Блат веќе е на удар на јавноста поради учинокот од 18 победи и дури 14 порази со екипата која беше меѓу фаворитите за НБА завршницата сезонава. Кливленд е во негативна серија од три порази, а загуби четири од последните пет натпревари. Единствениот триумф во последно време беше против Орландо, кога Леброн Џејмс одигра во свој стил во последните 10 минута.
Тренерот Дејвид Блат, кој веќе остана без главната карика под обрачите, Андерсон Варежао, сега ќе треба да го замени својот најдобар играч. На последните два дуели, Блат се одлучи за Делаведова и Ирвинг, тандем кој ќе треба да го изнесе товарот во отсуство на Леброн Џејмс.