Извлечен баражот за ЕП, БиХ против Република Ирска

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина, која се избори за третото место во квалификациската група и автоматски за баражот, ќе се обиде да се квалификува на Европското првенство во дуелите со Република Ирска која е редовен учесник на баражите.

Осум репрезентации кои завршија на третото место во квалификациите за ЕП, претпладнево во Нион ги добија своите противници во баражот преку кој ќе се обидат да изборат пласман на континенталниот турнир следната година во Франција.
 
Покрај големото нордиско дерби меѓу Шведска за која игра Златан Ибрахимовиќ и Данска, голем интерес ќе привлече и дуелот меѓу минатогодишниот учесник на Мундијалот во Бразил, БиХ и Република Ирска. Уште една балканска држава во плејофот, Словенија ќе игра против Украина, а Норвешка ќе се сретне против Унгарија.
 
Репрезентацијата на БиХ за првпат во историјата беше најдобро рангирана од сите осум селекции кои ќе играат во дополнителните квалификации. Босна и Херцеговина по трет пат ќе учествува во еден бараж, а претходните два ги загуби од Португалија. БиХ испадна од Португалија во плејофот за едно ЕП и едно СП. Последниот дуел меѓу БиХ и Република Ирска беше пријателски и одигран на 26. мај 2012 година кога Ирците славеа 1-0 со голот на Шеј Лонг.
 
На првиот меч, Ирците ќе бидат ослабени со неиграњето на капитенот Џон О'Ши кој доби два жолти картони на последниот натпревар против Полска во Варшава.
 
Украина и Словенија ќе го повторат баражот од 2000-та година кога играа за пласман на ЕВРО 2000. Словенија тогаш славеше со вкупен резултат 3-2. Натпреварот во Словенија го обележи евроголот на Миленко Ачимовиќ:
 

Соседското дерби меѓу Шведска и Данска ќе донесе натпревар на фудбалерите кои се сретнаа во полуфиналето на ЕП за играчи до 21 година кое го добија Швеѓаните со 4-1.

Баражот ќе се игра во два натпревари, еден на домашен терен и еден на гостински терен. Во случај на нерешен резултат и после двата натпревари, ќе се играат продолженија и пенали.
 
УЕФА ја влечеше ждрепката врз основа на позициите на ранг листата.
 
УКРАИНА - СЛОВЕНИЈА
ШВЕДСКА - ДАНСКА
БиХ - РЕПУБЛИКА ИРСКА
НОРВЕШКА - УНГАРИЈА
 
Првите натпревари ќе се играат на 12, 13 и 14 ноември, а реваншите на 15, 16 и 17 истиот месец.