Во првата четвртина двете репрезентации се менуваа во водство, но благодарение на нашата ужасна реализација од поле (1/7) и грешките во последната минута, Литванците направија предност од +5 (20:15).
Македонските кошаркари продолжија со грешките и во вториот период (три загубени топки на Мекејлеб во серија), по што Литванија поведе и со +9 (26:17).
На две минути до полувремето Литванците направија предност и од +12 (38:26), но благодарение на техничка грешка, Македонија на паузата замина со негатива од 6 поени (39:33).
Во првото полувреме Македонија имаше ужасна реализација од поле и слаба игра под рекетот од каде што постигнавме само 10 поени, а недостасуваа и поените на Мекејлеб.
Потфрливме во она што за нас беше најсилно оружје - одбраната, а во второто полувреме продолживме и со славата реализација. Литванците знаеа како тоа да го искористат и го одржуваа водството, но во последните 3 минути од третата четвртина не постигнаа ниту еден поен, па се доближивме на 57:50.
Грешеа и Литванците, но за разлика од нив, нашите кошаркари нивните грешки почнаа да ги користат дури во последната четврина кога со серија од 12:2 стигнавме со негатива од 3 поени (65:62) на 3 минути до крајот.
На 40 секунди до крајот при водство на Литванија од 69:65, судиите повторно вмешаа прсти и со една контроверзна одука нашата чисто украдена топка ја досудија како фаул по што беа исклучени Гечевски и Антиќ, а Литванците направија недостижна предност. На крајот Литванија славеше со 75:67.
Владо Илиевски постигна 13 поени, Антиќ 12, а Мекејлеб 10. Нашите кошаркари потфрлија во повеќе аспекти, а најмногу во реализацијата. Од 28 шута за 3 поени погодија само 6 пати, а од поле погодија 17 од 35 обиди.
Следува дуелот со Србија која по првите две кола има максимален учинок.