Хрватскиот талент кој поради баба му ќе игра за Македонија

Хрватската јавност е зачудена што 14-годишниот Кршеван Кларица реши да го носи жолто-црвениот дрес на Македонија наместо „коцкестиот“. Воодушевен од приемот во нашата земја, особено во Маврово каде тренирал.

„Буквално сите беа зачудени, и професори и пријатели и комшии, па на сите морав да им објаснувам од каде сум поврзан со Македонија и како сум стигнал таму“, вели вундеркиндот роден во Задар чија баба е од Битола.

Првпат со баскетот се сретнал во кошаркарскиот клуб Воштарница каде татко му Томислав Кларица е претседател повеќе од 15 години. По пишувањето на Večernji.hr и дедо му на малиот играл кошарка на времето и од мали нозе го носел во сала да гледа баскет. Малиот Кршеван Кларица тренира кошарка од петгодишна возраст:

„Пред две години бев повикан во кампот на хрватската репрезентација кој се одржуваше во Биоград но за жал не успеав да влезам во репрезентацијата. Веднаш потоа ме поканија во македонскиот репрезентативен камп и успеав“, вели за Zadarski.hr младиот Кршеван чија баба е од Битола.

Со првиот човек на КФМ, Пеце Наумовски

Кларица е висок неверојатни 191 сантиметар и важи за еден од најталентираните кошаркари во регионов. Кршеван вели дека бил воодушевен од професионалноста на Македонскиот кошаркарски сојуз.

Минатото лето бил во Маврово и во Скопје каде македонската јуниорска репрезентација 43 дена се спремала за Европско. Кршеван вели дека не му паднало тешко што е толку далеку од дома и што тренира два пати на ден.

Оваа зима бил на 10-дневни подготовки организирани од македонскиот сојуз а со репрезентацијата бил и во Истанбул каде одиграл пет меча во салите каде се игра Евролига. Школувањето, вели , му е многу важно иако му е тешко да го организира времето.

„Ако еден ден по некоја случајност не успеам во кошарка верувам дека како гимназијалец ќе имам добра потпора за на факултет“ вели ученикот на основното училиште „Задарски острови“.

Кларица обожава да го гледа Леброн Џејмс и навива за родниот Задар за кој верува дека еден ден ќе ги симне Цедевита и Црвена звезда од врвот на АБА лигата.