1.Кои се вашите аргументи и поради што Работнички и понатаму треба да остане дел од првата лига?
„Прво одлуката е премногу ригорозна за таков меч. Немаше сериозен инцидент, немаше нарушување на безбедноста, немаше никаков инцидент помеѓу играчи, тренери и немаше логика мечот да се прекине. Навивањето беше во рамките на дозволеното, така што нема никакво оправдување на судиите. Во извештајот за мечот напишале дека треба да се испразнат 2-3 реда позади кошот, но всушност на МВР им рекле да се испразни цела навивачка трибина и плус А трибина, а навивачите на МЗТ да останат. Тие биле два пати опоменети, а на Работнички три пати. Исто е и со казните. Три парични казни за нас, а две за нив, значи нема рамноправност и еднаков третман спрема навивачките групи. Во казната за навивачите на МЗТ немаше санкции за транспарентот со навредлива содржина упатена спрема Чековски и Гечевски. Во нашата жалба напишавме дека ако натпреварот е во прекин повеќе од 5 минути и ако нема безбедност за одигрување, првиот судијата треба да го прекине и да го закаже во рок од 24 часа со што ќе продолжи другиот ден и со време и со ист број на кошеви. Тие ништо не испочитуваа. Беше тенденциозно и тоа што бараа само навивачите на Работнички да ја напуштат салата, а на МЗТ да останат. Во извештајот на комесарот, а истовремено на делегатот и судијата е напишано дека прекинот на мечот е 30 минути, а тоа уствари беше повеќе од 1 час. Сите знаеме дека тоа е најтрофеен клуб, каде во моментов играат четворица репрезентативци, клуб со традиција и ако не биде во прва лига, тоа нема да биде истата кошарка. Такво градско дерби нема ниту во фудбал, а ете и во ракометот се губи“.
2. Кој не го сака македонскиот најтрофеен клуб во Првата лига и зошто?
“Не знаеме кој не го сака ама гледаме дека по некои изјави има и такви, но не знам дали е намерно или не. Најпрвин сите клубови беа за тоа Работнички да остане во прва лига, но по денешната изјавата на претставникот на Карпош Соколи, се влијае врз арбитражата и се гледа дека некој не му мисли добро на Работнички. Ние не бараме виновник во клубовите, туку рековме дека грешката е кај првиот судија и делегатот. Врбица Стефанов по натпреварот даде многу коректна изјава и не му беше јасно зошто е прекинат мечот, па можете да замислите колку ние бевме зачудени. Сакаме законски да тече процедурата и да се реши објективно“.
3. Има ли политичка позадина во целиот настан?
“Ние не мислиме така и сè уште се надеваме дека нема, но за неколку дена ќе се разоткрие. Не сакаме ниту да помислиме дека има бидејќи политиката не е добро да се меша во ниту еден спорт“.
4. Карпош Соколи излезе со соопштение дека претседателот Даниел Димевски лобирал за Работнички да остане во прва лига. Има ли вистина во тоа?
“Не го видов тоа. Претседателот многу коректно се однесуваше на состанокот и дискусијата одеше за доброто на спортот. Тој беше за тоа да се запази законот и сè да се разгледа објективно. Мислам дека никој што сака кошарка не сака да згасне клуб со 70 годишна историја“.
5. Како ќе се одрази евентуалното исфрлување во трета лига врз играчите? Бидејќи во составот имате репрезентативци, се засиливте со имиња како Гечевски и Чековски?
“Не сакаме ниту да помислиме дека таква одлука ќе биде донесена, и ќе се бориме законски бидејќи мислиме дека сме во право. Ќе ја дочекаме одлуката и ако се гледа објективно мислиме дека тоа нема да се случи. Имаме поголема поддршка од навивачите за која сме безрезервно благодарни и секогаш ќе застанеме зад нив“, вели претседателот на КК Работнички Горан Геровски.