На досегашните 8 одиграни натпревари на домашен терен, Феникс Санс успеа да привлече само по 15.063 гледачи во просек, што е најслаба посетеност откако се преселија во новата арена во 1992-та година.
Веќе две сезони Феникс не игра ни во плеј-оф, нешто што им успеваше 18 пати во претходните 22 сезони, а тимот го напушти и нивната главна ѕвезда Стив Неш.
Челниците на клубот немаа друг избор и решија да привлекуваат гледачи со тоа што ќе им гарантираат дека ќе си поминат убаво.
Целата идеја потекнала по поразот на Феникс од Чикаго по продолжение, но и покрај тоа што нивниот тим загубил, навивачите си заминале среќни.
„По натпреварот беше воочливо дека гледачите ја напуштаа арената со насмевка. Кога тимот ќе загуби, нормално е навивачите да се разочараат, но тоа не е така со нашиот тим", изјави претседателот на Феникс Санс, Џејсон Роули.
Тие нема да понудат ништо посебно, ниту пак некоја забавна програма на утрешниот натпревар против Далас Маверикс. Едноставно тие им гарантираат на гледачите дека ќе си поминат убаво доколку гледаат натпревар на Феникс Санс.
Доколку не се задоволни од прикажаното, гледачите можат да пополнат формулар на клупската веб страна и Феникс Санс ќе им ги врати парите.