Фени против МЗТ во финалето на купот

Вториот патник во финалето на кошаркарскиот Куп на Македонија е екипата на Фени Индустрија која во полуфиналето ја совлада Лирија со 61:79.

Првата четвртина ја одбележа дуелот помеѓу центрите Кирил Николовски и Балша Радуновиќ. Николовски постигна 14 од 28-те поени за Фени, а Радуловиќ беше единствен расположен кошаркар на Лирија и во првата четвртина постигна 9 од 14-те поени на својот тим.

Кошаркарите на Лирија се разбудија во втората четвртина и не му дозволина на Фени да постигне поен цели пет минути. Со серија од 9:0 тие намалија на 23:28. Екипата на Фени ја задржа предноста и на полувремето се замина со резултатот 35:41.

Во второто полувреме Фени константно ја зголемуваше предноста. На крајот од третата четвртина кавадарчани водеа со 50:61, а на крајот извојуваа убедлива победа од 61:79.

Најдобар на паркетот беше Кирил Николовски кој реализираше 21 поен и 13 скокови, а во редовите на Лирија се истакнаа Балша Радуновиќ со 15 и Тони Симиќ со 14 поени.

Фени Индустри во финалето ќе се сретне со екипата на МЗТ Скопје која претходно го совлада Торус со 66:73.