Фени и Лирија за финалето

Познати се и последните полуфиналисти од кошаркарскиот Куп на Македонија. Фени Индустри немаше проблеми со Кожуф, а по драматична завршница Лирија ја совлада екипата на Куманово.

Според очекувањата, Фени Индустри имаше лесен тренинг со Кожуф во четвртфиналниот дуел од кошаркарскиот куп.

Кавадарчани доминираа уште од самиот старт и на крајот славеа со високи 95:63.

Најефикасен кај Фени беше Дарко Соколов со 19 поени, додека во тимот на Кожуф најдобар беше Александар Димитровски со 18 поени.

Најинтересниот четвртфинален натпревар помеѓу Лирија и Куманово започна со инцидент кој се случи за време на интонирањето на македонската химна. Навивачите на Лирија ја проследија химната со свиркање, а потоа во текот на целиот натпревар двете навивачки групи разменија повеќе навреди на национална основа.

По неизвесен натпревар, победникот беше решен во последната минута кога Лирија влезе со поен предност, а кошаркарите на Куманово пропуштија две шанси за пресврт.

Лирија на крајот славеше со 90:85, а најефикасни беа Карлос Морбан, Тони Симиќ и Балша Радуновиќ со по 21 поен. Кај Куманово најдобар беше Урош Луковиќ со 22 поени и 16 скокови.

Во сабота на програмата на кошаркарскиот Куп на Македонија се полуфиналните натпревари каде во 17 часот играат МЗТ - Торус, а во 20:30 ќе се сретнат Фени и Лирија.

24 март 2012 - 01:39