Емотивниот говор на Кукоч и церемонијата за влез во Куќата на славните

По 8 години чекање, една од најголемите спортски легенди од Европа, кој доминираше во европската, а потоа и во американската кошарка заедно со Џордан и Пипен, заслужено се најде во друштво на великаните. Во публика беа Владе Дивац и Дино Раѓа.

Тони Кукоч е белег на златните времиња на Југопластика и Чикаго Булс, и се разбира неповторливата Југославија со која го освои светот. Најдобар шести играч на Булси за кои седевме до разденување кои ги биеја финалните битки.

Беше член и на Бенетон Тревизо, Филаделфија, Атланта Хокс и Милвоки Бакс, но со Југопластика и Чикаго ги достигна врвните успеси и големата слава. Три пати европски првак по ред со првите (1989-1991), па три НБА прстени по ред (1993-1996) под тренерската палка на Фил Џексон.

Легендарната седумка со врвни способности и елегантен стил на игра, беше роден победник уште од дете и не случајно неговото портфолио е златно уште со младинските селекции. Има освоено Светско првенство со У-16, У-18 и У-19.

Потоа со неповторливата генерација на славни кошаркари на Југославија во која беа и Дивац и Раѓа, три години по ред доминираа со европска 89`, светска 90`, па повторно европска титула 91`. На Мундијалот во Аргентина во полуфинале капитулираа Американците.

На церемонијата во Спрингфилд го воведе неговиот поранешен соиграч Мајкл Џордан кој беше на бината додека Кукоч држеше говор.

„Со спорт почнав на 8 години, прво пинг пинг и фудбал, а на 15-годишна возраст со кошарка. Мојата кариера ја дефинираа два клуба Југопластика и Чикаго. Во меѓународната кариера играв за две земји Југославија и Хрватска и имав големи успеси со нив. Играв со големи имиња во тие репрезентации, кои и се членови на Куќата на славни, меѓу кои покојниот Дражен Петровиќ, Дино Раџа и Владе Дивац, а играв и со уште некои големи имиња. Тука сакам да им се заблагодарам на Мајкл Џордан и на Скоти Пипен, кои ме растурија на Олимписките игри во Барселона и ме натераа да работам уште повеќе за да бидам важен член на Чикаго, рече Кукоч.

Тој им се заблагодаруваше посебно на многу луѓе со кои бил опкружен во животот и кариерата, почнувајќи од семејството, соиграчите на клупско и репрезентативно ниво, па се до тренерите и агентите кои му помогнале да изгради светска кариера.

Кукоч влезе во Куќата на славните во осмиот обид, откако прв пат беше номиниран од Чикаго Булс во 2014 година.

Тој е сега петтиот Хрват кој доби свое место меѓу кошаркарските великани, по Крешимир Ќосиќ (1996), Дражен Петровиќ (2002) Мирко Новосел (2007) и Дино Раџа (2018).

 
13 септември 2021 - 14:48