Дамјан Стојановски: Посветеност, борбеност, скромност и историско четврто место

По 20 години репрезентативна кариера, вклучително со младинските категории, Дамјан Стојановски оди во заслужена репрезентативна пензија. Ќе биде запаметен како дел од легендарната клапа која ја покоси Литванија на ЕП 2011 и се избори за сензационално полуфинале.

Дамјан Стојановски поради повреда не успеа да и помогне на Македонија да го фати последниот воз за Европското првенство 2025 и затоа не настапи на дуелите против Естонија и Полска.

Но со завршувањето на квалификацискиот циклус се појави во салата под Кале за да се прости од репрезентацијата и да се поздрави со гледачите.

Перо Антиќ и Тодор Гечевски му подарија врамен дрес во знак на благодарност, а првиот коментар на Фејсбук страницата на КФМ кажува многу за него.

„Еее, да имавме повеќе Дамјани како луѓе и играчи, каде ќе ни беше крајот“?

Дамјан важи за тивок, мирен, скромен лик, како и многу посветен и борбен на теренот, без разлика дали носи клупски или репрезентативен дрес.

Дресот на Македонија го носеше точно 20 години, почнувајќи од младинските категории во 2005-та.

За сениорскиот тим дебитираше во 2009-та на мечот против Грција на Европското во Полска.

Запиша 66 репрезентативни настапи и одигра на четири европски првенства: 2009, 2011, 2013 и 2015.

„Колку и да е фраза, за мене репрезентативниот дрес секогаш бил светост. Нема нешто позначајно за еден спортист од играњето за својата држава, од улогата на амбасадор на земјата на која ѝ припаѓаш. Можеби беше пред 16 години, но уште го паметам моментот кога тогашниот селектор Јовица Арсиќ ме повика да влезам во игра на дуелот против Грција на ЕП 2009. Претходно одиграв неколку пријателски средби, но ова беше она вистинското. 

Противник кој мотивира, големи ѕвезди на другата страна и многу наши навивачи на трибините. Деби какво што секој спортист може да посака. Додека покажував знак за измена чувствував трема, но таа ја снема како зачекорив на паркетот. На таа и на сите останати средби за националниот тим давав сѐ од себе, не се штедев ниту се жалев себе си. Македонија е нешто свето и така се однесував кога играв за неа.

Сум играл изморен, со ситни повреди, секогаш кога имало најмала шанса сум го прифаќал повикот на селекторот, кој и да бил тоа. Не ме интересирало ништо друго освен желбата да дадам сѐ од себе за репрезентацијата. Никогаш не сум помислувал да откажам, секако освен кога бев потешко повреден. Никогаш не се откажувајте од националниот дрес и од настапот за Македонија, репрезентативниот дрес дефинитивно е светост“, вели Стојановски.

Неговото име ќе остане запаметено како дел од златната генерација на Македонија, која имаше незаборавен настап на Евробаскетот во Литванија 2011 каде го освои четвртото место.

Заедно со врат му Војдан и Дарко Соколов, се единствени активни играчи кои настапија на тоа Европско.

Дамјан Стојановски важи за легенда на МЗТ Скопје каде е член од 2012-та и има 9 титули и 10 Купови.

25 февруари 2025 - 14:34