Европската кошаркарска претстава може да започне. Словенија ја има честа од денеска па до 22 септември да ги нагости најдобрите 24 репрезентации од стариот континент кои ќе бидат поделени во четири групи по шест селекции. Најдобрите три во групата ќе продолжат во втората фаза.
Љубљана, Јесенице, Копер и Цеље се четирите градови каде ќе се игра кошарка на 38-от европски кошаркарски шампионат. Нашата селекција мечевите од групната фаза ќе ги игра во салата „Подмежакла" во Јесенице со капацитет од 5.500 седишта каде според словенските медиуми ќе ја бодрат околу 1000 македонски навивачи.
Товарот за нашите кошаркари е огромен затоа што во Литванија во 2011 бевме хит на првенството со 9 победи и само 3 порази. Во четвртфиналето го посрамотивме домаќинот Литванија со легендарната тројка на Владо Илиевски во последните секунди и на крајот се пласиравме на високото четврто место.
Силите во групата Б повторно ќе ги одмериме со Босна и Херцеговина и Црна Гора, а останатите противници ќе ни бидат Србија, Литванија и Летонија. Деби настапот е всушност реприза од минатото Европско против Црногорците кои ни се стари должници и единствени кои не поразија во првата групна фаза.
Според кладилницата bet-at-home фаворит на Евробаскетот во Словенија е бранителот на тититулата Шпанија со коефициент 2,40, а избраниците на Алеш Пипан се на деветтата позиција според шансите со коефициент 40.
Натпреварите ќе си следат вкупно 167 држави од светот, а нашата се надева дека повторно ќе биде маестрално претставена пред европскиот кошаркарски крем.