Атланта го прегази Шарлот, агонија на Филаделфија

Перо Антиќ беше единствениот играч кај Хокси кој не влезе во игра, но неговиот тим врза две победи по ред. Рукито на Сиксерси го оствари првиот трипл – дабл оваа сезона во НБА лигата, но ни тоа не помогна за да ја спречи ужасната серија.

Атланта Хокс стигна до деветтата победа оваа сезона откако го прегази Шарлот со 30 поени разлика. За Хорнетси ова е деветти пораз во низа. Победата ја најавија уште во првото полувреме кога имаа висока предност од 64:28. Пол Милсап беше најефикасен со 18 поени и 6 скока, а Мајк Баденхолцер за прв пат оваа сезона не му даде шанса на Перо.

Триото Леброн Џејмс-Кевин Лав-Кајри Ирвинг беше клучно за триумфот на Кливленд кој ја совлада Индијана со 109:97. Тие заедно остварија учинок од 71 поен, 14 асистенции и 22 скокови. Лав го заврши мечот со дабл дабл учинок од 28 поени и 10 скокови, со фантастичен шут од поле 9/13. Прв меч сезонава одигра 23 годишниот Тристан Томпсон.

Асистенцијата на Леброн Џејмс

Асистенцијата на Кајри Ирвинг од скок

Кошаркарите на Филаделфија стигнаа до својот рекорден 16 пораз во низа и доколку ги загубат следните два меча против Сан Антоио и Минесота ќе ја стигнат најлошата серија во НБА лигата која ја оствари тмот на Њу Џерси кој во 2009 година загуби 18 меча по ред.

Далас успеа да победи без Новицки, Нелсон и Фелтон, а 24-те загубени топки ги компензираа со 22 офанзивни скокови. Првиот трипл – дабл сезонава го запиша Мајкл Картер Вилијамс од Филаделфија со 18 поени, 16 асистенции и 10 скока. Тој е петти играч на Сиксерси кој стигнал до толкав број на асистенции.

Забивањето на Брендон Рајд

Цепелинот на Филаделфија

Хјустон Рокетс стигна до десетта победа оваа сезона. Клучен човек за триумфот беше одличниот Џејмс Харден кој запиша 34 поени. Само во третиот период Харден реализираше 19 поени со што му донесе предност на својот тим од 18 коша разлика.

Забивањето на Папаниколау

РЕЗУЛТАТИ:

Јута-ЛА Клиперс 96:112
Кливленд-Индијана 109:97
Атланта-Шарлот 105:75
Вашингтон-Њу Орлеанс 83:80
Филаделфија-Далас 103:110
Милвоки – Хјустон 103-117