Гостите од Кавадарци успешно одолеваа на притисокот од одличната домашна публика, но само во првите две четвртини кога тие го искористија паузирањето на Гечевски заради заради брзо заработените лични грешки. По крајот на првото полувреме МЗТ имаше предност од само два поени (32:30).
На стартот од третата четвртина домашните кошаркари повторно ја вратија двоцифрената предност. На нешто помалку од две минути до крајот на третиот период, Фени се доближи на -6 (52:46), но тоа беше се што тие сторија на овој натпревар.
Кошаркарите на МЗТ имаа одличен старт и на последниот период, а Фени не успеваше да погоди цели пет минути, па МЗТ бргу направи водство од +21 (69:48). До крајот тие рутинирано ја одржуваа и зголемуваа предноста и триумфира со 84:50.
Кавадарчанецот Тодор Гечевски одигра само 18 минути, но повторно беше најефикасен против своите со 21 поен. Далман и Стојановски постигнаа по 13, а Чековски натпреварот го заврши со 12 поени и 12 скокови. Во поразената екипа единствено Соколов и Кнежевиќ имаа двоцифрен учинок од 10 поени.
Со оваа победа МЗТ Скопје поведе со 3:1 во финалната плејоф серија и во среда во Кавадарци ќе има шанса да ја завери првата титула во историјата на натпревар кој ќе се одигра без гледачи.