Сингапурецот Вилсон Раџ Перумал кој веќе лежи во затвор во Финска заради местење на натпревари, објави книга во која тој изнесе детали за тоа како организирал местење на стотици натпревари низ целиот свет. Во оваа книга тој тврди дека е најзаслужен што Хондурас и Нигерија се пласираа на Светското првенство во 2010-та година.
Перумал во 2009-та година формирал компанија со која влијаел на фудбалери и судии. Тој тврди дека со неговите соработници наместиле еден натпревар со кој на репрезентацијата на Хондурас и го осигурале пласманот на првенството без тие да знаат дека имале помош.
На челниците на фудбалската федерација на Нигерија им ветил дека ќе ги одведе до Светското првенство, а за возврат тој да добие право да организира три пријателски натпревари кои ќе ги намести. Перумал поткупил тројца играчи од противничка репрезентација и ја обезбедил победата на Нигерија на еден квалификациски натпревар.
Подоцна тој ги мотивирал репрезентативците на Мозамбик со 100.000 долари за да го сопрат Тунис. Мозамбик го победи Тунис со 1:0 по што Нигерија обезбеди директен пласман на Светското првенство во Јужна Африка.
„Мојот план успеа и јас бев незнајниот јунак на Нигерија на нивниот пат до Светското првенство во Јужна Африка. Пласманот на Нигерија и Хондурас на Светското првенство беше мој личен успех. Одведов две репрезентации на Светско првенство, а не можев да се пофалам со тоа."