Локалните обложувалници во Македонија за Европското првенство во Полска и Украина ќе ги зголемат своите понуди, па освен стандардните кладби за конечен исход, број на голови, полувреме/крај... ќе има и понуди како оние за победник или најдобар стрелец на првенството.
Но онлајн обложувалниците, посебно оние од Велика Британија малку претераа со своите понуди и нудат повеќе невообичаени опции за обложување. Издвојуваме три:
Англиски фудбалер да заплаче
Со оглед на тоа што на Англичаните не им оди на големите првенства, постојат шанси некој од нивните фудбалери да заплаче по елиминација, па коефициентот 4,5 и не е така лоша опција.
Евро или драхма?
До кога ќе издржат еврата како платежна валута во Грција? Обложувалниците нудат коефициент 5 дека Грција ќе си ја врати драхмата пред да биде елиминирана во Европското првенство.
Колкав патриот е Хоџсон?
Во англиските обложувалници можете да вложите 100 денари и да добиете 300 доколку селекторот на нивната репрезентација, Рој Хоџсон не пее за време на интонирањето на химните пред натпреварот со Франција.