Денес се игра веројатно главниот меч на сезоната во Серија А: Јувентус ќе го пречека Наполи, тим којшто заостанува 4 бода зад актуелниот шампион. Навивачите од југот на Италија веќе ја распалија тензијата откако во спортскиот центар во Виново каде е базата на Јувентус ставале маски од магариња.
Целата акција не е случајна.
Приказната поврзана со магарињата датира уште од првата сезона во Серија А и далечната 1926/27. Наполи тогаш освоил само еден бод. Испаѓањето им паднало многу тешко на Неаполитанците.
Симбол на клубот, како и на целиот град Неапол во тоа време бил коњот - како наследство од династијата Бурбон.
Наполи домашните мечеви ги играл во реонот Рионе Луѕати каде тогаш имало голем пазар. Секој ден на пазарот се појавувал чуден лик - Дон Доменико Ашоне по прекар Фикела.
Слабиот и висок Фикела навечер собирал смокви на фарма а преку ден тргувал со нив. На странците им го покажувал своето магаре со лузни и подвиткана опашка. Фикела го купил магарето за превоз на својата роба но практично секогаш торбите ги носел сам: Изнемоштеното магаре еднаш направило пар чекори и паднало на земја.
Од тогаш Дон Мими секогаш го влечел магарето со себе.
Кога Наполи (со коњче на својот грб на дресот) конечно го освоил првиот бод, а во следното коло пак изгубил, навивачот Рафаеле Раиано викнал во барот: „Какво коњче бе? Оваа екипа е послаба од магарето на Фикела со 33 лузни и подвиена опашка“. Сите урлале од смеа а меѓу гостите во барот бил и новинарот Феличе Скандоне кој во редакцијата насликал магаре во дрес. Веројатно тоа било и првото меме во фудбалската историја на Неапол.
Наполи следната сезона закрепнал и почнал да се радува на добри резултати, а кога во 1930-та на „Сан Паоло“ внеле живо магаре во аѕурниот дрес на Наполи и екипата победила 0:2 против Јувентус, сфатиле дека тоа е некаков знак.
Овојпат цел Неапол одново верува во помош на магарето.
На пат за Торино вчера пола град ја испратил екипата. Мечот Јувентус - Наполи се игра вечерва од 20:45.