Кога екипата на Милан ја освои последната титула во Лигата на шампионите во 2007 година без конкуренција таа сезона му припаѓаше на Кака кој беше лидер во тимот и кој заслужено победи во изборот за најдобар играч на светот.
Од него најмногу ги паметиме неговите убиствени контра напади на кои немаше никој одговор. Хет трикот против Андерлехт, победата против Селтик во продолженијата, двојната победа против Манчестер Јунајтед во полуфиналето од ЛШ се дел од неговите најголеми заслуги во шампионската година.
Тоа се разбира дека беше повеќе од доволен доказ за каков играч се работи и откако Флорентино Перез по втор пад седна на престолот на „кралската" претседателска фотеља во 2009 година, го купи Кака за 68 милиони евра со што стана вториот најскап играч на планетата.
Скромниот и мирен Бразилец кој никогаш не стана дел од бурниот живот во дискотеките каде се навлекоа многу негови колеги, очекуваше уште повеќе насмевки во Мадрид, но во големата конкуренција не успеа да се наметне како што очекуваше.
Во првата сезона во Реал тренер му беше Мануел Пелегрини, но поради низа повреди Кака имаше само 33 настапи на сите натпреварувања, постигнувајќи 9 гола. Кога беше 100% фит беше критикуван дека никако не може да блесне.
Втората сезона беше уште поразочарувачка. Од Мундијалот во 2010 година се врати повреден и по операцијата на коленото отсуствуваше повеќе месеци. Кога се врати на терените новиот тренер Жозе Мурињо му даде 20 шанси во составот на кои постигна 7 гола.
Неговите настапи за белиот дрес најчесто му беа како замена, па по две сезони веќе беше поврзуван со трансфер. Кака изјави дека не сака да си замине, а сезоната 2011/2012 му беше најплодна. Ди Мариа беше повреден, Кака имаше 40 настапи на сите натпреварувања, а стигна и до шампионската титула во Шпанија.
Во последната сезона ништо ново. Кака беше повторно најчесто резервна варијанта за Мурињо, имаше 27 настапи на сите натпреварувања, а неговиот тим згора не се сезоната ја заврши без ниту еден трофеј.
И кога по две одиграни кола во новата сезона неговиот довчерашен тренер Карло Анчелоти не го пушти ниту една минута во игра, веќе беше јасно дека Кака ќе ги смени клупските бои.
За неисплатливите 68 милиони евра на Реал Мадрид нема зошто да жалиме, затоа што за нив нема зима, денеска потрошија 100 милиони евра за Бејл. Но 31 годишниот Кака на Сан Сиро го очекува голема битка за место во првиот тим затоа Алегри има многу опции во нападот.
Балотели, Ел Шарави, Пацини, Робињо и Нјанг е офанзивната линија на Милан, а покрај Кака, на „Сан Сиро" пристигна и Алесандро Матри од Јувентус.