Веројатно никој не очекуваше ваква завршница на фудбалската сезона. Фернандо Торес во стартниот состав на Шпанија се најде само на два натпревари, но го освои признанието за најдобар стрелец на Европското првенство.
Торес заедно со Марио Манџукиќ, Марио Гомез, Марио Балотели, Алан Ѕагоев и Кристијано Роналдо беа на врвот на листата на стрелци со три гола, но Шпанецот забележа и една асистенција. Еднаш асистираше и Марио Гомез, но Фернандо Торес одигра помалку минути.
Фернандо Торес го освои ова признание со третиот погодок при победата од 4:0 на Шпанија во финалето против Италија, а асистираше и на последниот гол на Хуан Мата.