Во Февруари годинава беше потврдено дека времето на Хаким Зиеш во Ајакс завршува и дека тој од следната сезона се сели во Челси. Авантурата му заврши порано поради Ковид 19, а клубот и трета година по ред го прогласува за играч на сезоната.
Колку им беше важен потврдува начинот на кој му го организираа заминувањето. Го седнаа во историското кино/театар „Тушински“ за на голем видео бим да го потсетат на неговите најдобри моменти во Ајакс.
Му пуштаа и видеа од соиграчите кои му испраќаа пораки како и пофални зборови, но на едно од нив посебно се возбуди, бидејќи во еден момент се појави мајка му.
„Многу сум среќен за тебе што ќе играш за Челси. Дај се од себе, чувај се и однесувај се како вистински човек. Те сакам и горда сум на тебе. Со среќа“, рече неговата мајка.
„Ова видео посебно ме возбуди. Мајка ми имаше многу тежок живот. Тука стигна многу млада, израсна 9 деца и го загуби сопругот многу рано. Сè што правам е за неа, затоа што ја сакам. Ако не беше ова за неа, ќе престанев да играм фудбал“, изјави тој
„Малку е чудно. Знаеш дека сè што трае, еден ден завршува. Тоа е чуден начин за затворање на ова поглавје“.
Напаѓачкото крило на Ајакс остави голем белег во ЛШ со извонредни партии, а во Холандија беше најдобар според многу статистички параметри, како асистенции, создадени шанси, голови надвор од шеснаесетник и сл.