Џастин Фашану е роден во Лондон 1961, а родителите му се од Нигерија и Гвајана. Бил посвоен уште како дете заедно со брат му Џон бидејќи откако нивните мајка и татко се развеле ги напуштиле кога имале 5 и 6 години.
Првите контакти со топката Џастин ги имал како мал, а први го забележале во Норич Сити кои во 1978-ма го земале во младинската академија, а потоа потпишал и професионален договор од каде и му почнала и кариерата.
На мечот против Ливерпул постигнал спектакуларен гол за кој на крајот од сезоната добил признание од БиБиСи за гол на годината. Откако постигнал 39 голови на 103 меча Џастин станал и репрезентативец на Англија, а потоа направил трансфер во Нотинген Форест со што станал прв црнец за кој биле платени милиони фунти.
Работите во Нотинген за рекордерот не оделе според очекуваното откако почнале да чепкаат по неговиот приватен живот. Џастин иако имал девојка бил забележан во геј барови, а тоа не му допаѓало на тренерот Брајан Клаф кој го навредувал и дискриминирал.
Тоа се одразило во неговата игра и со своите 20 години и големиот талент од кој се очекувало многу повеќе, постигнал само 3 гола на 32 меча. Слично поминал и на позајмица во Саутемптон, а потоа подобро му одело во Нотс Каунти каде го купиле за 150.000 фунти. Таму му се случила и тешка повреда на коленото за која му требало подолго време да заздрави.
Џастин имал поголема свест за сопствената сексуалност, но се плашел тоа јавно да го признае и покрај тоа што гласините веќе почнале да се шират. Утеха побарал во Евангелистичката црква.
Во меѓувреме тој се прошетал во повеќе клубови, а повредата на коленото ја лечел во САД каде заминал на операција. Заиграл за Лос Анџелес Хит, а потоа се вратил во Англија, но не му одело ниту во Манчестер Сити ниту во Вест Хем. Во 1990-та прифатил да биде играч-тренер на аматерски клуб.
Таа година собрал храброст и решил да се отвори за таблоидот Сан кој објавил ексклузивно интервју со него. Тој мислел дека ќе ги охрабри уште другите 12 фудбалери кои според него ја криеле својата сексуална ориентација, но никој ништо не прозборел и тој самиот ги трпел последиците.
По тоа интервју на Џастин целосно му се променил животот бидејќи го критикувале и плукал кој стигне. Британската заедница на црните заборавиле на зборот дискриминација и тоа неговото признавање го нарекле патетична и непростлива навреда за целата заедница. Пријателите повеќе не го барале на телефон, а не добил поддршка ниту од брат му.
Џастин продолжил со фудбалската кариера и настапувал во Канада, потоа повторно Англија, Шкотска па Шведска. Весниците за него извадиле приказна дека бил дел од сексуална афера со познати политичари, а во 1994-та еден од нив бил пронајден мртов.
Фашану потоа се решил за сосема нова дестинација и се пробал во Нов Зеланд каде постигнал 11 голови на 18 средби, а во 97-ма повторно заминал во САД. Таму имал и недоразбирања околу договорот со Атланта и потоа решил да се пензионира.
Далеку од англискиот печат, во САД решил да гради и тренерска кариера во второлигашки клуб, но и таму го немал мирот. На 25 март 1998 година 17 годишно момче пријавило во полиција дека се разбудило во креветот на Џастин кој сексуално го злоупотребувал.
Полицијата го истражувала случајот и тој се соочувал со обвинение за полов напад врз малолетно дете и бил во многу тешка ситуација бидејќи истовремено бил дискриминиран и како црнец и како хомосексуалец. Кога полицијата отишла во неговиот стан, тој на ден пред испрашувањето избегал во Англија.
Се обидувал да ги контактира старите пријатели за да му помогнат да докаже дека е невин и дека тоа му е наместено. Потоа бил забележан во една геј сауна во Лондон, а очевидците тврделе дека бил во добро расположение и дека не бил очаен поради ситуацијата во која се наоѓа.
Во интервју раскажал дека добил телефонски повик на кој некој му дишел. На 3 мај 1998 година Џастин Фашану бил пронајден обесен со електричен кабел во напуштена гаража во близина на сауната, а истрагата покажала дека тој се самоубил.
Оставил и писмо во кое напишал дека го направил трагичниот гест откако сфатил дека е осуден за виновен за случај чиј судски случај не е ниту започнат. За случајот оставил порака дека е точен и дека имало сексуален однос, но со согласност на младото момче кое побарало пари за да молчи за средбата.
Неговата животна приказна оставила простор за различни реакции во јавноста. Од маченик во борбата против дискриминацијата па до обвинувања дека е срам за англискиот фудбал. Некои пишуваа дека со неговата смрт на 37 години англискиот фудбал многу загуби.