Секој што е инфициран со фудбал, му предлагаме да си одвори време за да ја ѕирне мултимедијалната изложба за фудбалската легенда Паоло Роси (1956-2020).
Ја имате бесплатно секој ден до 21 април меѓу 10 и 18 часот во Мала станица. Направете си место во телефонот, бидејќи материјателот за сликање е обемен.
Фудбалскиот времеплов на човекот сметан за херој во Италија на која и ја донесе светската титула во 1982-ра, во Скопје го донесе компанијата „Трим и Лум“, како спонзор, во соработка со Италијанската амбасада во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и ФФМ.
Во Скопје допатува сопругата на починатиот Роси, Федерика Капелети, која изјави дека е среќна што добила можност да ја донесе изложбата во уште една, за неа нова земја.
Во отсуство на најавениот Тото Скилачи, кој го паметиме како прв стрелец на Мундијалот во Италија 90, како и човек кој беше форсиран во нападот на Интер на сметка на Панчев, специјален гостин на отворањето беше легендата на Јувентус, Џанлука Ѕамброта, кој е светски првак од 2006-та.
Во суперлативи за Роси покрај Ѕамброта зборуваше и директорот на изложбата Карло Сберги и италијанскиот амбасадор во Македонија, Андреа Силвестри.
„Сите сте слушнале за Паоло Роси, но дозволете да ви објаснам што значи тој за нас Италијанците. Тој е херој кој оди над зборот херој. Тој е златното момче зашто е единствениот кој во исто време ги освоил сите златни трофеи“, изјави Сберги.
Инаку во Мала станица имате привилегија да го погледнете целото наследство на Роси кое му го оставил на светскиот фудбал.
Дресови и ред друга спортска опрема, трофеи, медали, првите копачки и првата топка, куп фотографии, списанија, па па сè до негови лични документи и предмети, како дипломи од школо и лична карта.
Инаку Роси е прв стрелец на СП 1982, на кое беше прогласен и за најдобар играч, а истата година Франц фудбал му ја додели и Златната топка.
Тој е единствен играч со хет-трик против Бразил, подвиг кој му успеа токму на Мундијалот кој го освои. На изложбата ги има и копачките од тој натпревар кој заврши 3:2 за Италија, како и дресот од финалето и златната топка.
Паоло Роси стана прв играч кој во една година освои СП, стана прв стрелец и ја освои Златната топка, подвиг кој го повтори Роналдо во 2002-ра.
Тој е еден од деветмината во историјата кој успеале да освојат СП, ЛШ и Златна топка.
Клупската кариера ја мина во шест италијански екипи меѓу кои Јувентус и Милан. Со Јуве има две Скудета, Куп на Италија, Куп на Европски шампиони, Супер Куп на УЕФА и Куп на Купови на победници.
Во сезоната 1976/1977 стана прв стрелец со Виченца во Серија Б, а следната сезона прв стрелец со истиот клуб во Серија А. На никој друг не успеало ова.
Откако се пензионираше работеше како стручен аналитичар за Скај, Медиасет и Раи сè до смртта на 9 декември 2020-та, на 64 години.