Замрзнат е имотот на Абрамович сосе Челси

Англиските медиуми тврдат дека со најновите санкции против газда Роман Абрамович, се компликува фунционирањето на Челси. Тоа значи забрана за продажба на билети, но и блокада за трансфери и потпишување нови договори.

Абрамович е еден од седумте олигарси што ќе бидат погодени со нови санкции од страна на владата на Велика Британија, а тоа вклучува и замрзнување на имотот и забрана за патување.

На списокот се и милијардерите Игор Сечин и Олег Дерипаска, кои и двајцата се сметаат за сојузници на Владимир Путин.

Премиерот Борис Џонсон рече дека не може да има безбедни засолништа за оние кои ја поддржаа инвазијата.

„Денешните санкции се последниот чекор во поддршката на Обединетото Кралство за украинскиот народ. Ќе бидеме немилосрдни во гонењето на оние кои овозможуваат убивање цивили, уништување болници и незаконска окупација на суверени сојузници“, изјави Џонсон.

БиБиСи пишува дека со замрзнувањето на имотот на Абрамович, се стопира и продажбата на Челси.

За да може премиерлигашот да функционира, ќе добие посебна лиценца од британската влада.

Но тоа во пракса ќе значи делумно функционирање, бидејќи клубот нема да може да продава билети, а навивачите што поседуваат сезонски карти ќе може да одат на стадион. Клупската продавница ќе биде затворена.

За Абрамович постојат тврдења дека има силни врски со Владимир Путин, но тој негираше.

Според британската влада, рускиот тајкун тежи 9,4 милијарди фунти и е еден од ретките олигарси од 90-те, важен за Путин.

Абрамович пред неколку дена соопшти дека во интерес на сите ќе го продаде Челси, но со најновите санкции нема да може тоа да го реализира.

10 март 2022 - 11:23