Залудно потрошени англиски пари во Серија А

Премиер лигата не е место за фризури и паради, таму се игра брз и агресивен фудбал со збиен календар во кој нема одмор ниту за празници. Во првиот дел од сезоната тројца напаѓачи од италијанското првенство целосно потфрлија, а за нив отидоа јабана над 70 милиони евра.

Каде е Јоветиќ? Секаде, само не на терен. Црногорскиот напаѓач беше главна алка во играта на Фиорентина каде во овој период од ланската сезона имаше осум постигнати голови на 14 меча. Во моментов кога ќе се собере има одиграно вкупно 90 мизерни минути во Премиер лигата и ниту еден постигнат гол.

Манчестер Сити за него плати 27 милиони евра, па ако им е за утеха Јоветиќ има учинок од два гола на два меча во купот.

Потоа тука е уште поскапиот Ерик Ламела кој сезонава го засили Тотенхем за сума од 30 милиони евра кои легнаа на сметката на Рома. Младиот талентиран напаѓач има девет настапи во Премиер лигата, но ниту еднаш не ја затресе мрежата.

Во Серија А во лани во месец јануари имаше постигнато 10 гола на 15 меча, но тимот од Лондон за сега нема никаков ќар од големата сума на пари која ја потроши за аргентинскиот напаѓач кој нема постигнато погодок ниту во куповите.

Единствениот напаѓач помеѓу овие тројца кој се израдувал со погодок во англиското првенство е Пабло Даниел Освалдо кој на 12 меча постигна три гола за неговиот нов клуб Саутемптон кој го донесе од Рома за сума од 15 милиони евра.

Но тоа е премалку за Аргентинецот со италијански пасош кој во овој период на своето конто во Серија А имаше 10 постигнати погодоци.

Овие тројца напаѓачи за кои Манчестер Сити, Тотенхем и Саутемптон потрошија вкупно 72 милиони евра нема да биде чудо ако за кратко време добијат повратниот билет за Италија.

14 јануари 2014 - 17:43