За што точно Јувентус е казнет со одземање 15 бода поради што падна на табела?

Во петокот вечер стана јасно дека судот на Фудбалската федерација на Италија се согласил со барањето на обвинителството на „Старата дама“ да и се одземат 15 бода сега на актуелната табела во Серија А. Бјанконерите паднаа на 10-то место, далеку од зоната која води во Европа.

Јувентус се нашол во фокусот на обвинителството во Италија уште во есента 2020-та.

Најтрофејниот италијански клуб бил обвинет по четири точки.

Прикажување неточни бројки од финансиско работење и прираст на капиталот. Управата на Јуве си поиграла со амортизација (профитот од продажба на играчи го фиксирале веднаш во извештајот, а губитокот го делеле на целиот договорен период) и генерирале непостоечки профит низ ланец на размени.

Ова создавало илузија на здрави активи а плус и претседателот Ањели слевал реални пари преку разни механизми во клубот - дури 700 милиони евра во последните години.

Прирастот на капиталот им дозволил на Торинезите да ја преживеат корона-кризата и да го израмнат балансот изместен од астрономската плата на Роналдо. Клубот реално трошел повеќе отколку што заработувал.

Првите сериозни знаци на махинација се јавиле откако Јувентус (тифозите на Јуве со право тврдат дека и многу други големи клубови го правеле истото) во време на глобалната пандемија „под маса“ ги плаќал играчите.

Управата на „Старата дама“ јавно прикажувала едни давачки, а под маса без да пријават на финансиските власти, во коверти ги плаќала играчите вон клупската каса.

Кристијано Роналдо поради ова бил спремен сега да го тужи Јувентус за наводни 19 милиони евра кои му ги должат иако наводно многумина во клубот имале усмена тајна согласност во време на пандемијата.

Во октомври 2022-ра Јавното обвинителство во Италија побарало апсење на претстедателот Ањели и замрзнување на сите негови пари, но ништо од тоа. Тој одговарал на обвиненијата дека прирастот на капиталот е распространета пракса во фудбалот, а глобалната пандемија ја нарекол олеснителна околност за тоа.

Дури во јануари годинава Јувентус првпат се соочи со одземање бодови на табела. Акционерите веќе утврдија нов совет на директори, Ањели и неговиот тим со Недвед и Аривабене си дадоа оставки.

Новиот совет на директори во Јувентус се состои од економисти и професионалци кои сега треба да работат на оздравување на клубот.

Јуве има право на жалба, на апелација.

ШТО БИДНА СО ШЕФОВИТЕ КОИ ГИ ПРАВЕЛЕ МАХИНАЦИИТЕ?

Довчерашните топ менаџери во Јувентус си дадоа оставка уште пред крајот на минатата година. Покрај одземени бодови за екипата, раководните лица добија исто казни. Сите екс шефови во Јуве:

Претседателот Ањели доби 2 години забрана за било каква делантност во фудбалот. Маурицио Аривабене кој беше генерален директор добил исто две години суспензија, потпретседателот Недвед добил 8 месеци а Фабио Паратичи кој буквално до пред неколку дене работеше во англиски Тотенхем како директор, доби 2,5 години суспензија па ќе мора да ја напушти позицијата во лондонскиот клуб.

Актуелниот спортски директор на Јувентус Федерико Керубини е казнет на 16 месеци.

Јувентус после одземањето 15 бода падна на 10. место на табелата и во моментов има 22 бода. Од место од кое се бореше активно за скудето, Јуве сега ќе се бори за место во Европа. До четврто, петто и шесто место кое водат во еврокупови а на кое во моментов со по 34 бода се Лацио, Аталанта и Рома на Јуве му бегаат 12 бода.

22 јануари 2023 - 09:03