За малку ќе го заборавеле стрелецот Велбек во Манчестер

Слично како во филмот „Сам дома", Манчестер Јунајтед си заминале од тренинг базата и тргнале на пат кон Украина без Дени Велбек, фудбалерот кој го постигна единствениот погодок на гостувањето кај Шахтар.

Дени Велбек го постигна клучниот погодок за поенот на Манчестер Јунајтед на гостувањето кај Шахтар Доњецк во рамките на Лигата на шампиони, но тој заедно со Крис Смолинг за малку ќе го пропуштеле патувањето.

Тимот на Манчестер Јунајтед одржал утрински тренинг во вторникот, по што играчите требале да заминат во Украина. Веднаш по завршувањето на тренингот, фудбалерите се качиле во автобусот кој се упатил кон аеродромот, без никој да примети дека во него недостигаат Велбек и Смолинг.

Неколку минути подоцна се појавиле и двајцата „заборавени", а членовите на обезбедувањето во тренинг центарот веднаш ги алармирале своите колеги во автобусот, па тој бил приморан да се врати назад.

Дени Велбек беше стрелец на гол во 18-та минута, а Крис Смолинг во отсуство на Фердинанд го одигра целиот натпревар кој заврши со резултатот 1:1.