Во текот на неделава, Мануел Пелегрини на два пати повтори дека нема никаква одлука околу останувањето на Френк Лампард, кој на Етихад според договорот треба да остане до среда, 1-ви јануари а потоа да се врати во Њујорк Сити.
Иако позајмицата на Лампард (36) му истекува веднаш по Нова година, самиот играч и клупската управа решиле да остане до крајот на февруари, затоа што лигата во САД почнува во март.
„Не е баш лесно да се одлучи, затоа што Френк е играч на Њујорк Сити. Кај нас е позајмен до 31. декември, а ние мора да ја почитуваме и другата страна. Повторувам, Лампард е многу важен играч за нас и се надевам дека ќе остане. Сигурен сум дека и тој сака да остане, но не зависи само од мене и него“, изјави Пелегрини.
Њујорк Сити е нова франшиза во МЛС лигата во САД, а меѓу главните основачи се и сопствениците на Манчестер Сити, кои го договорија Лампард да игра во Сити од август до крајот на декември. На нив останува да одлучат до кога ќе остане поранешниот англиски репрезентативец во Сити.
„Граѓаните“ ќе играат без Јаја Туре, кој оди на Африканскиот Куп на нациите со својата репрезентација, а Пелегрини изјави дека се надева дека Јаја Туре ќе може да игра макар во третата рунда од ФА купот во втората недела од јануари.
Манчестер Сити во моментов е втор, со три бода зад лидерот Челси, што значи дека двата клуба се најсериозни кандидати за титулата.