Две години по ред Аталанта од Бергамо е третопласирана екипа во Серија А и игра во Лига на шампиони. Претседателот на клубот Антонио Перкаси постојано нагласува дека управата, играчите, тренерите и навивачите живеат бајка.
Пред 10 години кога Перкаси се врати на претседателската столица (претходно беше прв човек во '90-те), размислувал поинаку. Прво да се вратат во Серија А, да се стабилизираат и да живеат не само од продажба на играчи.
Дури и кога во 2016-та амбициозниот Џан Пјеро Гасперини стана тренер на екипата, Перкаси повторувал дека најважно им е да промовираат млади играчи од кои подоцна ќе заработат и да бидат стабилни во елитата. Но приказната стана чудесна.
ИДЕЕН ТВОРЕЦ НА СЈАЈНИОТ ТРАНСФЕР ПАЗАР Е ЏОВАНИ САРТОРИ
Во 2001-ва година Киево беше сензација - долго време беше при самиот врв и на крајот заврши како петтопласиран. За пласман во Лига Европа ги делеше само 1 бод. Сите со носталгија ги паметиме Лупатели, Перота, Коради, Ериберто, Манфредини, Бароне, Легротаље, Корини и др кои заминаа во поголеми италијански клубови.
И покрај тоа Киево после четири сезони успеа да заврши 4-ти и да игра во квалификации за Лига на шампиони.
За трансферите во клубот бил одговорен Џовани Сартори, поранешен фудбалер на Киево кој играл за „летечките магариња“ уште одамна во Серија Д.
Со скратен буџет и скромни финансии, Сартори морал внимателно да пазари
Во сезоната 2005/2006 лидери на Киево станаа Серџо Пелисие кој дојде од Серија Ц1 и стана клупска легенда, Амаури кој стигна од Емполи, 18-годишниот Виктор Обина од Нигерија, Франческо Семиоли и Даниеле Франческини. На голот им беше 38-годишниот Алберто Фонтана кој за 4 години претходно во Интер бранеше на само 10 меча.
Во 2007-ма Киево испадна од Серија А, но после една година се врати и играше цели 11 сезони во најдоброто друштво, секогаш стабилно завршуваше на средина на табелата. Сартори во 2014-та година заминал од Верона и изјавил дека го извадил максимумот од клубот и дека добил понуда за амбициозен проект во Ааталанта.
Една година Сартори работел во Бергамо со директорот Пјерпаоло Марино и спортскиот директор Габриеле Ѕамана. Бил консултат на пазарот.
Во 2015-та Марино замина а Сартори ја добил главната улога за трансфери.
Таа година најдобар пазар направи со Рафаел Толои (3,5 милиони евра) и Мартен Де Рон (1,3 милиони евра). Аталанта таа сезона заврши 13-та а после 4 години двајцава играчи беа стартери во 1/4 финале на Лига на шампиони.
ГЛАВНИТЕ ПРИНЦИПИ СЕ: ШИРОКА СКАУТ МРЕЖА, РИЗИК СО ИГРАЧИ ОД ПОСЛАБИ ЛИГИ И ДОБРИ ПРЕГОВОРИ
Толој и Де Рон се прави примери за скаутинг системот на Аталанта. Бразилецот Толој веќе беше во Италија, не се снајде во Рома и се вратил во татковината. Де Рон играше во Херенвен и Сартори за него смета дека му е најдобриот трансфер во кариерата.
„Во Серија А не е лесно да играш со свои деца од школата. Треба да се совпаднат многу работи: тренер кој им верува на младите, управа спремна да чека, академија која ќе произведува играчи спремни брзо да се прекомандуваат на повисоко ниво“, вели Сартори.
Најсилната Аталанта во историјата која направи чуда во Европа и секунди ја делеа од епско полуфинале на Лига на шампиони, е составена од легионери од Холандија, Швајцарија, Бугарија, Белгија, Русија.
Кога ги потпишавме Хатебург, Госенс и Де Рон, колегите од Холандија ме прашуваа што ќе ви се?! Исто беше и со Гимшити, него во Швајцарија не го бараше никој. А Кеси? Памтам како дојде во јануари месец: надвор беше престудено а тој носеше папучи. Но после десет дена сфативме дека е врвен игач. Имам многу голема мрежа на скаути, наоѓаме малку познати фудбалери и во Аталанта тие заигруваат на меѓународно ниво. Имаме дваесетина репрезентативци и тоа голема гордост“, раскажал Сартори за Corriere dello Sport.
Освен нив, Аталанта знае да погоди и со просечни играчи од Серија А кои мотивирани во супер системот на клубот, заигруваат на врвно ниво. Ги купија Јасмин Куртиќ од Сасуоло, Маурисио Пиниља од Џенова, Јосип Иличиќ од Фиорентина, Дуван Ѕапата од Сампдорија, Леонардо Спинацола и Рикардо Орсолини ги позајмија од Јувентус, Етрит Бериша од Лацио, Ервин Зукановиќ од Рома итн.
Кога Сартори дошол во Аталанта, најскап играч на клубот бил Лука Чигарини - за него во 2008-ма платиле 10,5 милиони евра.
Аталанта повеќе продава отколку што купува. Минатото лето пред дебито во Лига на шампиони ги донесоа Луис Муриел и Руслан Малиновски за кого платија 20,1 и 13,6 милиони евра. Летово го откупија и договорот на Пашалиќ за 15 милиони евра.
За последните 6 години работат во плус. Само во сезоната 2019/2020 продале играчи за 95,90 милиони евра а потрошиле 57,81 милион евра.
Најскапо продаден играч во историјата на Аталанта е Македонецот кој игра за Шведска, Дејан Кулушевски кого го продадоа во Јувентус за огромни 35 милиони евра. Ако се земе предвид фактот дека го довеле за само 200.000 евра од шведска Бромапојкарна, тогаш јасна е сјајната работа на Сартори и скаутите во клубот.
Претходно го продадоа детето на клубот Алесандро Бастони во Интер за 31,1 милион евра (Бастони веќе е стандарден стопер кај Конте), како и Франк Кеси за 30,5 милиони евра во Милан (Нигериецот бил платен 1,5 милиони евра од клубот Стела Аџаме).
Тука се уште и продажбите на Андреа Конти (Милан 24 милиони евра, дете на клубот), Роберто Гаљардини (дете на клубот, отиде во Интер за 22 милиони евра), Брајан Кристанте (дојде од Бенфика за 5 милиони а замина во Рома за 21 милион) како и детето од Аталанта Матиа Калдара за кого Јуве даде 19 милиони евра.
Фантастични беа и трансферите на Џанлука Манчини (платен на Перуџа 300.000 евра, продаден во Рома за 14,7 милиони евра), Муса Бароу (200.000 евра од Хоукс, продаден 13 милиони во Болоња) и Андреа Петања (трансфер вреден 12 милиони евра во Спал).
Во 2017-та година приходите на Аталанта биле рекордни 147,7 милиони евра, во 2018-та 155,7 милиони ерва, а во 2019 дури 188,6 милиони евра. Приходите во последните 6 години им пораснале за 208%.
Последен бисер кој го донесоа е најталентираниот руски фудбалер Алексеј Миранчук за кого на Локомотив Москва и платија речиси 14 милиони евра и Русинот сега треба да докаже зошто вредните скаути на Аталанта фрлиле пик на него и го препорачале кај Сартори.