Ариведерчи Џиџи

Во сабота го играм последниот меч за Јувентус

Дотеран и скоцкан во одело, во друштво на претседателот Андреа Ањели, Џиџи Буфон се појави во прес центарот на Јуве и со кнедла во грлото го објави своето официјално збогување со клубот на кој му служеше со срце 17 години.

Со 655 настапи од кои на 300 не прими гол, 19 трофеи од кои 9 рекордни Скудета за еден човек во Италија, Џиџи Буфон во сабота против Верона за последен пат ќе го носи дресот на Јувентус.
 
А да се само настапите и трофеите. Оваа људина не се мери во трофеи. На 40 години брани и се бори како животно и не знае што значи пад во формата. Освен што е голманиште, тој е и пример за фер плеј од кој треба да учат сите. И кога победува и кога губи, ги гушка сите.
„За мене ова е посебен ден на кој дојдов со смиреност и задоволство. Го поздравувам Џорџоне (големиот Џорџо) Кјелини кој ја презема мојата капитенска лента. Ова беше прекрасно патување. Не сакав да стигнам до крајот на патот што требаше да го снема или како играч кој го стопи моторот. Не беше така и горд сум што можев да се искажам на високо ниво. Ова за мене е најголемото задоволство. Не се подразбираше дека ќе бидам толку долговечен и во исто време со добри перформанси. Ова беше фамилија од која научив многу“.

Што понатаму со Џиџи кој има понуда да остане во Јувентус во друга функција?

„Во сабота ќе одиграм натпревар и ова е единствената сигурна работа. Со Ањели имам постојан дијалог, тој знае сè што ми се случува. До пред 15 дена беше познато дека ќе престанам да играм, сега мислам дека дојдоа стимулирачки понуди и за на терен и надвор од него. Најважната за надвор од терен ми ја даде Андреа Ањели. Следната недела по 2-3 дена релакс ќе ја донесам конечната одлука, која ќе биде онаа која ќе го каже мојот темперамент. Ако треба да продолжам да играм, тоа апсолутно нема да биде во Италија“.
Уште една сезона за нови рекорди?
„Не, го направив начинот на размислување како што размислува Јувентус. Сигурен сум дека Јувентус како сериозен клуб треба да ја планира иднината, а јас сум прв кој го сфаќа тоа. Сметав дека е во ред тука да застанам. Плус овој тим има голман со вредност еднаква на мојата и помлад, Шчесни“.

Со рекорди подобро да не почнуваме бидејќи ќе нема крај на набројување. Само ќе кажеме дека тој е единствениот кој 12 пати беше прогласуван за најдобар голман на годината во Серија А.

17 мај 2018 - 12:17