Во Холандија тргнати наследници на петлите кои пред 20 години ги оставиле француски навивачи

Необична приказна ни доаѓа од Ротердам каде на 2 јули 2000 година Франција стана европски шампион откако ја совлада Италија со 2:1 во легендарно финале.

Француските навивачи веќе неколку децении на големите натпреварувања со себе носат петли, симбол на нивната репрезентација од каде потекна и прекарот „галски петли“. Така беше и за време на Европското првенство 2000-та во Холандија и Белгија каде Франција стана шампион.

Донеле Французите десетина петли со себе и тие биле дел од фештата. Ама кога заминале, ги оставиле петлите кои слободно шетале во близина на стадионот во Ротердам.

Неверојатно но вистинито, од тогаш па до денешен ден на таа локација имало околу 150 петли и кокошки.

Цели 20 години жителите во населбата близу стадионот „Де Кујп“ живееле со петлите и кокошките кои биле хранети од локалните ентузијасти. Но дошло време да ги приберат.

„Во еден момент стана премногу. Не е само поради буката која што ја прават петлите и кокошките, туку и поради отпадот кој го оставаат зад себе. Најмивме професионална компанија која ќе ги фати и ќе ги згрижи во адекватни места“.

Но чувствата кај локалците се измешани.

„Од време на време си наоѓав по некое свежо јајце. Знам каде ги несат. Не знам навистина што другите имаат против кокошкиве“, вели еден локалец кој се противи на одлуката да ги тргнат петлите и кокошките.

Друг вели:

„Мислам дека е лошо. Цели 20 години сме со овие петли и кокошки, секое сабајле и секоја вечер. И сега мора да си одат“.

Вработен во компанијата која што е задолжена да ги отстрани рекол:

„Опасноста е што излетуваат под коли или камиони. Но и покрај тоа некои од нив (кокошките и петлите) се многу здрави како што може да видите. Не припаѓаат никому, не припаѓаат овде. Заслужуваат многу повеќе од ова“.

Ари ден Хартог, од управата на здружение за заштита на животни ставил точка:

„Ќе ги фаќаме додека не го собереме и последниот. Не смее да се случи да заборавиме некој па после пак одново да ги бараме“.

Од таа причина планирано е и второ „ловење“.

ПРИКАЗНАТА ЗОШТО НАВИВАЧИТЕ НА ФРАНЦИЈА НОСАТ ПЕТЛИ СО СЕБЕ?