Иако веќе е тешко да се дојде до билет за барем едно од големите полуфинални фудбалски претстави од најелитното клупско натпреварување, тоа задоволство чини двојно повеќе на реванш натпреварите во Шпанија, отколку на првите дуели во Минхен и Дортмунд.
За утрешната битна на „Алијанц арената" најевтината карта за мечот Баерн – Барселона чини 40, а најскапата 150 евра. Една недела подоцна, за истиот натпревар на „Камп Ноу" ако сакате да го гледате во живо, ќе треба да имате многу подлабок џеб, затоа што најевтината влезница е 91 евро, а најскапата 359 евра.
Истото важи и за средбата помеѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид која оваа среда може да се гледа за сума од 45 до 170 евра, додека за раванш мечот на „Сантијаго Бернабе" истото задоволство ќе ве чини од 70 до 325 евра.
Можеби овие далеку поевтини цени на првите мечеви во Германија и не се за чудење, ако се земе предвид дека од најсилните пет национални првенства во Европа, најевтино се проаѓа во Бундес лигата каде може да се погледне натпревар и за 12 евра.
Токму тука треба да се бара и одговорот зошто натпреварите во германското првенство се најпосетени со просечен број од 45 726 навивачи по натпревар. Најгледани се мечевите на минатогодишниот германски шампион Борусија со просечни 80 521 фанови, втор е Баерн Михен со 69 000, и трет најпосетен тим е Шалке со 61 139 навивачи.
Во Шпанија бројките се сосема поинакви. Најскапата влезница чини 140, а најевтината 30 евра, а годишните влезници се движат од 271 па се до 936 евра која претставува најскапата годишна карта.
Тука треба да се бараат и причините за просечната гледаност на мечевите во Ла Лига од 30 269 навивачи во просек. Се разбира најпосетени се натпреварите на гигантите Барселона и Реал. На „Камп Ноу" во просек присустуваат по 84 119 навивачи, а на „Сантијаго Бернабе" 74 678 навивачи.