Просечната цена на билетите во Премиер лигата оваа сезона изнесува 32 фунти, а дури 54% од навивачите плаќаат помалку од 30 фунти по натпревар, стои во најновото годишно истражување за цените на лигата.
Студијата е направена врз основа на податоците од секој клуб, составена со помош на професионалната компанија EY, а ја сметаат за најсеопфатна анализа базирана на реални трошоци.
Благодарение на раните понуди, како и попустите за лојалните навивачи, во просек еден од три билети се продава под целосната цена, а таквите понуди на клубовите им овозможуваат на навивачите со сезонски билети да заштедат 10 милиони фунти во текот на една сезона.
„Лојалната и страствената поддршка на присутните навивачи е многу ценета од клубовите, нивните тренери и играчите од Премиер лигата. Се надевам дека ќе ги оспориме вообичаените перцепции за трошоците за учество на фудбалски натпревар во Премиер лигата и ќе охрабриме уште повеќе луѓе да размислат да одат на натпревар“, вели извршниот директор на Премиер лигата, Ричард Скудамор.
Минатата сезона лигата воведе тригодишен лимит на цените на билетите за гостување од 30 фунти и оваа сезона тие ќе изнесуваат во просек по 26 фунти.
Некои критичари сèуште сметаат дека и овие цени се превисоки во споредба со странство и мислат дека лигата со таква заработувачка од тв права може да биде уште повеликодушна кон оние фанови кои ја создаваат атмосферата на стадион.
Меѓутоа аргументите за контра се дека Премиер лигата секој викенд нуди забава од светската класа и дека ова годишно истражување покажува дека сепак има достапни билети по низа цени. Всушност само 6 проценти од сите билети чинат повеќе од 60 фунти, додека повеќе од една четвртина се продаваат по помалку од 20 фунти.
Во анализата стои дека вкупниот капацитет на Премиер лигата сега изнесува 800.000 седишта, а со продажбата на сезонски карти оваа сезона, пополнети се три четвртини од стадионите, што е нов рекорд.