По страшната авионска несреќа со фудбалскиот клуб Шапекоенсе од Бразил во ноември 2016 година, кога во Колумбија 71 член на клубот загина, а преживеаа само 6 лица, никој не знаеше како ќе им се одвива животот на оние кои останаа живи.
Меѓу преживеаните фудбалери беа левиот бек Алан Рушел, резервниот голман Џексон Фолман на кого му ампутираа една нога и стоперот Нето. Голманот Данило ја преживеа несреќата, но починал на пат кон болницата. Голманот на Шапекоенсе Нивалдо кој тогаш го избегнал летот, веднаш по несреќата најави дека се повлекува од фудбалот.
Девет месеци по трагедијата, бекот Алан Рушел (27) ја зачуди светската јавност. Не само што се врати во полн тренинг, туку и заигра на официјални натпревари за Гоијас, тимот во кој игра како позајмен од Шапекоенсе.
А синоќа го постигна својот прв гол за новиот тим Гоијас и тоа победнички против Крузеиро, во 22. коло од бразилската фудбалска лига Серија А.
Го прослави со раце кренати кон небото, во чест на своите загинати другари од Шапекоенсе:
На крајот од мечот, Алан Рушел се уште не беше свесен каков подвиг направил.
„Многу сум среќен. Сакав да заиграм за да дишам одново, да покажам дека реално сакав да заиграм пак на високо ниво. Сакам да го посветам овој момент на жена ми, на детето кои секогаш се покрај мене. Екипата ме прифати многу добро, тренерот. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми ја дадоа оваа шанса“.
Во актуелната сезона, Рушел одигра 2 натпревари за Гоијас, кој е на 11 место со 30 освоени бода после 22 кола.