Мбабане Хајлендерс е најуспешниот фудбалски клуб во Свазиленд, но оваа сезона не им оди баш најдобро. По 9 одиграни кола тие имаат само 7 поени, а на последниот натпревар на домашен терен загубија од Маланти Чифс со 1:5.
Тоа е најтешкиот пораз на клубот во последните 22 години и нормално навивачите биле бесни по завршувањето на натпреварот. Тие почнале да ги бркаат фудбалерите по теренот, а играчите сакајќи да се спасат побегнале од стадионот.
Додека бегале кон клупскиот мини бус кој ги чекал пред стадионот, Мфануфикиле Нѕиманѕе (не ни забегаа прстите на тастатура, тоа му е името) си ги загубил копачките, па преку локалниот весник побарал од навивачите да му ги вратат.
„Ги изгубив копачките додека трчав кон комбето затоа што навивачите сакаа да не претепаат. Резултатите ни се лоши, но ние играчите не можеме да ги решиме проблемите. Тие треба да ги решат челниците на нашиот клуб", изјавил Нѕиманѕе.