Важно е да се викаш ВАН

Ако гледаме според името, тогаш Луи ван Гал ќе има добра иднина во Манчестер Јунајтед. Тоа има успеа на сите негови сонародници кои го носеа дресот на Манчестер Јунајтед и имаа „ВАН" во своето име.

Манчестер Јунајтед е најтрофеен клуб во Англија, а најголемиот дел од заслугите за успесите на овој клуб ги заслужи легендарниот Алекс Фергусон. Освен што добро го водеше клубот на теренот, тој знаеше да направи и добар избор на играчи, а најдобар избор направи при ангажирањето на фудбалери од Холандија кои како да ги бирал според името. Ван Нистелрој, Ван дер Сар и Ван Перси се покажаа како полн погодок, а сега тоа треба да го покаже и Ван Гал.

Руд ван Нистелрој потпиша за Манчестер Јунајтед во 2000-та година, но повреда го одложи неговото деби за цела сезона. И кога дебитираше, тој веднаш стана миленик на навивачите постигнувајќи 36 гола во својата прва сезона во дресот на Манчестер Јунајтед.

Веќе следната сезона Ван Нистелрој ја освои и титулата, како и признанието за најдобар стрелец на сезоната. Во сезоната 2003/04 тој го предводеше тимот до титулата во ФА купот со два гола во финалето, а во неговата последна сезона во дресот на Манчестер Јунајтед, Руд ван Нистелрој го освои Лига купот и постигна 24 гола во првенството. На вкупно 219 одиграни натпревари за тимот од Олд Трафорд тој постигна 150 голови и засекогаш остана во срцата на навивачите.

Последната сезона на Ван Нистелрој во Јунајтед ја одбележа и пристигнувањето на уште еден Холанѓанин - Едвин Ван дер Сар кој ја прекина агонијата со чуварите на мрежата на Олд Трафорд по заминувањето на Петер Шмајхел.

Со неговата одбрана на пеналот на градското дерби против Сити во претпоследното коло, тој директно влијаеше на освојувањето на титулата во 2007-та година. Следната година во финалето на Лигата на шампиони тој против Челси му одбрани пенал на Анелка и го донесе највредниот трофеј на Олд Трафорд. Едвин Ван дер Сар стана легенда на Олд Трафорд со 266 натпревари и освоени четири титули, три купа, а беше и европски и светски шампион со Манчестер Јунајтед.

Робин ван Перси има уште многу да одработи за да го добие статусот легенда, но е на добар пат да го стори тоа. Тој беше најдобар стрелец во неговата дебитантска сезона и го предводеше тимот до титулата, но оваа сезона не можеше да стори ништо повеќе за очајниот Манчестер Јунајтед.

Сега на ред е Луи ван Гал. Неговото минато и искуство ветуваат светла иднина за клубот, а во прилог му оди и неговото име кое е гаранција за успех во Манчестер Јунајтед.