Пред неколку дена во шоуто Tussen de Palen на една холандска телевизија гостувал Едвин Ван дер Сар. Таму раскажал како за неговата кариера многу значела љубовта на Луј Ван Гал кон играњето карти.
Во 1990-та година, тогаш 19-годишниот Ван Дер Сар бранел за аматерскиот клуб Нордвејк, од истоимениот град во Јужна Холандија со околу 43.000 жители, на само 43 километри од Амстердам.
По некоја среќна случајност за младиот Едвин, тренерот на Нордвејк се нашол на маса со Луј Ван Гал со кого се картале. Ван Гал во тоа време бил асистент во Ајакс.
„Мојот тренер му рекол на Ван Гал: 'Луј, ти треба да дојдеш на еден од нашите натпревари. Имаме голман и крило кои без никаков проблем може да играат за Ајакс. Мојот тренер го сметаа за шегаџија и Ван Гал од прва му рекол да престане и да се концентрира на картите. Ама овој не попуштал и така го убедил Ван Гал да дојде на еден наш меч. После една недела Ајакс ме викна на проба“, раскажал легендарниот голман кој се прослави во Ајакс, Јувентус и Манчестер Јунајтед.
Интересно е што само неколку дена пред повикот од Ајакс да оди на проба, Спарта Ротердам му понудила на Ван дер Сар да биде нивен трет голман, но тој одбил затоа што не му се допаднало што биле спремни само да му плаќаат патни трошоци.
Откако се докажал на проба во Ајакс, трофејниот клуб од Амстердам решил да го задржи во својот интернат со другите младинци.
Другото е историја. Ван дер Сар со Ајакс 4 пати стана шампион на Холандија, освои 3 холандски Купа и ја освои Лигата на шампиони.
А за љубовта на Ван Гал кон картањето пишува и во неговата биографија, напишана од спортскиот коментатор Мартен Мејер.
„Луј бил многу добар картаџија. Кога бил студент немал многу пари, па се картал на поситно. Еден од раководителите на првиот клуб на Луј му помагал со нешто пари.
Со нов покровител, Ван Гал се охрабрил и играл на повеќе. Интересно, секогаш точно памтел кои карти се извлечени во Klaverjas (традиционална холандска игра со карти за четворица). Многу брзо Луј заработил и за себе но и да врати кај своите дарители“.
После многу години, Ван Гал раскажал дека веројатно често победувал затоа што го пронашол рецептот - мора внимателно да се слушаат и да им се поверува на муабетите кои обично немаат никаков значај на маса.