Валенсија напушти терен на сред натпревар поради скандал

Голем расистички скандал го здрма шпанскиот фудбал откако фудбалер на Кадиз наводно го навредил францускиот стопер од Валенсија кој барал подоцна од играчите да ја одбранат честа на клубот и доиграат до крај.

Валенсија сезонава стабилно се држи на средина на табелата и постојано игра топло-ладно.

На мечот против Кадиз во неделата, фудбалот отиде во втор план иако дуелот започна интересно: во 14' минута бекот на Кадиз Хуан Кала го отвори резултатот, а пет минути подоцна Кевин Гамеиро израмни.

Скандал се случи во 32' минута. Стоперот на Валенсија Муктар Диакаби (број 12 на дресот) се справи со еден напад во својот шеснаесетник и при излегување напред нешто си дофрлаше со Хуан Кала (број 16).

Во еден момент додека траеше играта Хуан Кала и Диакаби се спречкаа, па фудбалерот на Валенсија тргна по него додека соиграчите го раздвојуваа. Французинот доби жолт картон за тоа, Кала не доби ништо.

Диакаби долго време му објаснуваше нешто на судијата Хименез, а после неговиот соиграч Бразилецот Габриел Паулиста ги повлече сите играчи на Валенсија во соблекувална.

Виновникот Хуан Кала не дискутирал со судијата и Диакаби, тој прозборел со тренерот и седнал на клупата за резерви на својот тим.

Валенсија се повлече и се врати на терен после 25 минути поради правилникот кој стриктно налага екипата која нема да го доигра мечот да биде строго казнета со одземање бодови.

На терен се појавија сите освен Диакаби кој го замени Уго Гиљамон. На официјалниот твитер на Валенсија напишаа дека Муктар барал од соиграчите да се вратат на терен да доиграат за честа на клубот.

Хуан Кала го доигра првиот дел а на паузата го сменија со Маркос Мауро. До крајот од мечот Валенсија изгуби во самиот финиш кога резервниот играч Мауро постигна гол во 88' минута за конечни 2-1. 

„Муктар ни кажа дека го навредувале на расна основа. Се вративме да играме зошто ни кажаа дека може да ни одземат три бода па дури и повеќе. Муктар побара од нас да се вратиме. Тој е погоден зошто бил ужасно навредуван. Во целост го поддржуваме“, рекол Хозе Гаја после мечот за Movistar.

Стрелецот на победничкиот гол Маркос Мауро го прокоментирал инцидентот во првиот дел и за Кала рекол дека е голем професионалец кого го почитуваат сите во екипата. Го поддржал и тренерот на Кадиз.

„Јас го видов тоа што и вие. Нивен играч кажал дека Кала го навредил. Кала вели дека никого не навредил и му верувам, рекол тренерот на Кадиз Алваро Сервера и додал: „Ние не знаевме како да реагираме, вакво нешто првпат гледам во кариерата. Ние сме добра и чесна екипа која не знае за такво нешто. Кала побара од мене да го сменам на полувреме и го послушав. Позборувавме и со луѓето од Валенсија за тоа што се случило, јас им пренесов што ми кажал Кала“.

Валенсија во јавноста пратила соопштение со 10 точки од кои дел се за поддрша на Муктар Диакаби и осуда на расизмот во целост.

Соопштение пуштил и Кадиз чија управа го осудува секој облик на расизам и додава дека секој човек, независно од кој клуб доаѓа треба да биде казнет за расизам.

Според информациите на Марка, Кала го нарекол Диакаби „negro de mierda“ што се преведува како „црнечко г...о“. Оваа фраза била запишана и од делегатот во протоколот на мечот.

Според AS и Movistar во преносот не можеле да се примети ништо и се оечкува специјалисти за читање од усни да протолкуваат што кажал Кала.

 

5 април 2021 - 10:10