Украинската криза го погоди и фудбалот

Украинскиот фудбал во моментов е огледало на украинското општество - длабока криза во која доминираат олигарси, нацистите прават премногу проблеми, странците бегаат, некои ја гледаат иднината во Русија, а на други им се заканува банкрот.

Украинското првенство продолжи на 15 март со 15 клубови, но не се знае со колку ќе заврши. Еден натпревар веќе беше одложен заради безбедносните проблеми, а не се знае судбината на многу други натпревари во иднина.

Судбината на многу клубови од Украина е тесно поврзана со развојот на политичката криза затоа што тие се во сопственост на ривалски олигарси, а често е случајот кога тие се дел од медиумски империи што Украинците сакаат да го наречат „Берлусконизација" на фудбалот.

Со падот на еден режим, олигарсите поврзани со него завршија во зарвот или беа приморани да пребегаат.

Кореографија на навивачите на Динамо Киев со знамето на украинската морнарица пред дуелот со Таврија

Сопственикот на Металист Харков, Сергеј Курченко се најде на црната листа на ЕУ и пребега во Белорусија за да избегне апсење.

Газдата на Шахтар Донецк, Ринат Ахметов е најбогатиот човек во Украина и долги години е пријател со претседателот Јанукович. Тој е главен финансиер на Партијата на региони и беше цел на претестантите од Мајдан, па мораше да пребега во Лондон каде го има најскапиот апартман во Британија.

Со проблеми се соочува и фудбалскиот клуб Черноморец од Одеса чиј претседател ја поддржува партијата на Ахметов. Овој клуб веќе беше приморан да ги ослободи од договорите петте странски фудбалери.

Неизвесна е и судбината на фудбалските клубови од Крим, Таврија на македонскиот репрезентативец Бобан Грнчаров и Севастопол, кои ја разгледуваат можноста да ја напуштат украинската лига и да се приклучат во руското првенство.

Ако оваа ситуација не донесе доволно проблеми и нестабилност по банркотот на Арсенал од Киев, тука се и навивачите. Повеќето ултрас групи од Украина се десно ориентирани и најчесто се декларираат како нацисти, а голем дел дел од нив одиграа и значајна улога при протестите во Киев и сега претставуваат ризик за политичката стабилност на државата.

24 март 2014 - 12:34