Новиот селектор на македонската фудбалска репрезентација ја одржа првата прес конференција во очи на трите натпревари во рамките на квалификациите за СП Катар 2022.
Она што веднаш предизвикува љубопитност е каков ќе биде изгледот на “новата“ Македонија во која Благоја Милевски го смести Адис Јаховиќ во испразнетиот напад.
„Искуството на Јаховиќ ќе ни помогне, неговиот потенцијал е голем и ќе биде добредојден во оваа транзиција на А-тимот, по откажувањето на Пандев, Тричковски и Велкоски. Подмладувањето е неминовно, но се надеваме дека ќе го дополниме минусот од тројцата кои заминаа во нападот. Сите кои се тука, го заслужија повикот, а особено зборувам за дебитантите“.
Во однос на селекцијата која играше на дебитантското ЕП во Букурешт и Амстердам, Милевски направи вкупно седум измени од кои дебитанти се Бојан Миовски, Тодор Тодоровски и Никола Серафимов, а повратници покрај Јаховиќ се и Стефан Ашковски, Никола Ѓорчев и Дејан Илиев.
„Мислам дека нема никаква разлика мојата работа со таа во У-21 бидејќи се работи за националниот тим. Се радувам на првиот собир и повторната соработка со поголемиот дел од играчите. Од повиканите 26 репрезентативци, соработував со 17“.
„Се одлучивме за играчи кои веќе имаат искуство на ваков тип на мечеви, плус дебитантите и повратниците. Се согласувам дека немаат минутажа Зајков и Трајковски и јас реков дека ќе добиваат шанса играчи само со минутажа во своите клубови, но таму каде што сме лимитирани немаме избор. Имав контакт со Трајковски, тој е професионалец и е спремен. Зајков направи трансфер во Левски и се надевам дека викендов ќе дебитира. Останатите се надевам ќе бидат здрави и подготвени“.
„Што се однесува до Бејтулаи, тој е на поширокиот список, но јас не сум задоволен од неговата моментална форма. Ги следев сите мечеви на Шкендија летово и на таа позиција како десен бек ги планирам Тодоровски и Ристовски. Но јас не се откажувам од него, исто како и од Влатко Стојановски кои не значи дека нема да се најдат на список во октомври. Од нив зависи во каква форма ќе бидат“, образложи Милевски.
Инаку од стандардните репрезентативци принудно ќе го нема Бобан Николов кој е позитивен на Ковид и кој направи тазе трансфер во Шериф Тирасол. Исто и повредениот Аријан Адеми за кој македонскиот селектор изјави дека најважно е негово здравје.
Вечерва ќе откриеме дали Николов со неговиот нов клуб или пак Адеми и Ристовски ќе играат во ЛШ. Шериф има голема предност од 3:0 од првиот плејоф дуел.
Македонија на 2 и 8 септември ги пречекува Ерменија и Романија, а на 5-ти му гостува на Исланд. Првиот собир е закажан на 29 август во хотел Хилтон.