Тркот на Бејл од 35км/час кога Бартра делуваше како полжав

Пред 6 години, на 17-ти април во големото финале на шпанскиот кралски Куп се сретнаа Барселона и Реал. Финалето се играше на преполна Местаља (52,953 гледачи), а Реал славеше 2-1.

Интересно е што Бартра одговори на голот на Ди Марија за водство, Барса израмни, а во 85' минута токму Бартра делуваше како спора локомотива во однос на брзиот воз од Велс кој ги постави конечните 2-1 и пехар за Реал.

Герет Бејл во кариерата даде еден куп преубави голови: 3 пати освои Лига на шампиони (2 победнички гола во 3 меча), стрелаше сјајно во Премиер лига и во Ла Лига.

Но најпознатиот гол му е против Барселона во финалето на Кралскиот Куп на Шпанија во 2014-та година.

На овој меч Ди Марија во првиот дел го доведе Реал во водство, а Барса израмни после корнер во 68' минута преку стоперот Бартра. И на пет минути до крајот од мечот, кога сите очекуваа продолженија, Фабио Коентрао го пронајде Бејл на левото крило. Велшанецот ја прими во трк и толку многу брзо се залета што Марк Бартра не можеше ништо.

Бејл трчаше повеќе од 60 метри и сам го совлада резервниот голман Хозе Пинто кој бранеше само во Купот. 2-1 за Реал и титула во Купот.

„Да, овој гол против Барселона е најважен во мојата кариера“, задишано изјави Бејл после мечот.

Подоцна неговата брзина во тој момент била измерена на 34,7 км/час. Бејл претрча 59,1 метар за 7,04 секунди. За овој подвиг му требаа 30 широки чекори и тоа дури во 85' минута од мечот.

„Голот на Бејл е просто луд! Мислам дека не сум видел нешто слично претходно. Мислев дека топката веќе отиде во аут, ама Гарет ја прими и го претрча цел терен. Лудо!“, се восхитуваше Чаби Алонсо.

ЗА БАРТРА ТОЈ ГОЛ БЕШЕ ЛИЧНА ТРАГЕДИЈА

Стоперот Марк Бартра кој кратко време играше во Барселона, на тој меч го заменуваше повредениот Жерар Пике. Инаку и младиот Бартра после тркот со Бејл се фати за ногата и поради грч после 2 минути го сменија со Алексис Санчез.

„За 15 минути од херој станав трагичар. На тој меч дури дадов и геол и мислев дека тоа ќе биде еден од моите најдобри натпревари. Тешко бше да се стигне Бејл. Ѓаволски беше брз“, призна Бартра после во еден разговор со Икер Касиљас во студио.

Тогаш 22-годишниот Бартра го смируваа и соиграчите па дури и судиите. Антонио Матео Лаос му пришол и му рекол да не се грижи. Но Марк имал уште една сериозна причина за растројство - на трибините беше селекторот на Шпанија Висенте Дел Боске кој планирал да го викне Бартра во репрезентацијата за Светското 2014.

„Ми кажаа дека на тој меч беше и Дел Боске и тоа беше сериозен удар. После тоа што Бејл го направи со мене, сфатив дека е крај на моите желби за репрезентацијата“, вели Бартра кој не отпатува на Мундијалот 2014.