Треба ли да се повлече 10-ка на Тоти?

Дресовите на Роберто Баџо, Паоло Малдини, Хавиер Занети и на ред други легенди заминаа во историјата. За дресот на човекот кој е рекордер по број на настапи и голови во Рома и кој игра таму од времето кога ние уште немавме фудбалска репрезентација, се води дебата.

Франческо Тоти ќе го носи дресот на Рома уште на четири натпревари. Тоа ќе бидат последни четири во неговата кариера која му ја посвети на еден клуб во кој заработи разни прекари како „Златното момче“, „Гладијаторот“, „Принцот од Рим“.
 
Во Рома игра од 1992-ра, а дресот со број 10 го наследи од Џузепе Џанини во 1997-ма во времето на Зденек Земан и од тогаш ниту еден друг фудбалер не го облече. Последен пат ќе го носи на 28 мај против Џенова кога цел Олимпико ќе биде во солзи.
 
Кориере дело Спорт направи една иницијатива во која навивачите гласаат дали треба да се повлече неговата 10-ка. Мислењата се поделени, а изјава на таа тама даде и самиот Тоти пред четири години.
„Од една страна ќе бидам горд ако се повлече дресот со број 10, но на тој начин сепак можеби ќе биде срушен сонот на некое момче еден ден да го носи тој дрес долго време носен од Тоти. Едно е сигурно, за да се носи овој број потребна е голема личност. Се надеваме дека во иднина ќе има таков“, рече капитенот.
Во 2013-та Рома го повлече дресот на Алдеир, легендарниот бразилски дефанзивец кој играше на Олимпико од 1990-та до 2003-та. Тоа беше иницијатива на клубот кој доби дозвола од фудбалерот.
 
Дресот на Тоти има тежина. Со него стигна до 783 настапи и 307 гола и стана втор најдобар стрелец во историјата на Серија А. Без разлика дали ќе биде повлечен или не, тој ќе биде сон за многу деца и асоцијација за Франчесто Тоти.
 
10 легенди чии дресови заминаа во историјата:

ФЕРЕНЦ ПУШКАШ - Хонвед (1939 - 1956) дрес број 10
РОБЕРТО БАЏО - Бреша (2000 - 2004) број 10
ЏИЏИ РИВА - Каљари (1963 - 1976) број 11
ЏАЧИНТО ФАКЕТИ - Интер (1961 - 1978) број 3
ХАВИЕР ЗАНЕТИ - Интер (1995 - 2014) број 4
ФРАНКО БАРЕЗИ - Милан (1977 - 1997) број 6
ПАОЛО МАЛДИНИ - Милан (1984 - 2009) број 3
ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНА - Наполи (1984 - 1991) број 10
ЈОХАН КРОЈФ - Ајакс (1964 - 1973 и 1983 - 1984) број 14
ПЕЛЕ - Њујорк Космос (1975 - 1977) број 10
6 мај 2017 - 11:01