Трансферот што ја сврте Словенија наопаку

Најдобриот словенечки фудбалер во последните десет години, Миливоје Новаковиќ потпиша за Марибор и со тоа ги разгневи навивачите на Олимпија Љубљана кои не можат да се помират со фактот што детето на клубот оди „кај душманите“.

Екипата на македонскиот репрезентативец Агим Ибраими доби ново засилување и тоа капитенот и прв стрелец на словенечката репрезентација во последните неколку години.
 
Миливоје Новаковиќ е фудбалер со богата меѓународна кариера, најголем успех оствари во германската Бундеслига, а сега на 36 години реши да се врати во татковината, но не таму каде што сите очекуваа да го видат.
 
Центарфорот потпиша со Марибор, екипа која повеќе од пет години по ред е шампион на Словенија и која е неприкосновен лидер на оваа земја. Овој потпис ги разгневи навивачите на Олимпија, клуб за кој Новаковиќ играл во детството но никогаш не добил шанса да настапи за првиот тим.
 
И покрај тоа што фудбалски се докажа во Австрија и Германија, Грин Драгонс, навивачите на Олимпија на фасадата на зградата во која што живеел во младоста, но и на други места во Љубљана напишале навредливи графити, па дури и му се заканувале со убиство.
„Љубљана веќе не е твој град“ (Ljubljana ni več tvoje mesto), „Пи*ко продадена“, „Да те е*е Марибор“, „Љубљана те мрази“ итн.
Новаковиќ последните неколку сезони ги помина во Јапонија, а за неговиот трансфер спортскиот директор на Марибор Златко Заховиќ изјави:
„Го донесовме најдобриот напаѓач во историјата на Словенија, а јас сум несомнено неприкосновен владетел на фудбалот во Словенија“.
Инаку словенечката лига станува сè поинтересна поради новиот газда на Олимпија, Србинот Милан Мандариќ кој беше прв човек на неколку англсики клубови меѓу кои и Лестер. Во моментов на табелата води Олимпија со 46 бодови, 3 повеќе од Марибор.