Градските власти на Торино го одбија предлогот, поранешниот фудбалер на Јувентус, Алесандро Деј Пјеро да ја добие титулата почесен граѓанин на северниот италијански град.
Поранешниот капитен на „Старата дама“ не ја доби оваа титула поради разлика од 20 гласови, а во тоа не успеа да влијае ниту градоначалникот на Торино и член на Демократската партија, Пјеро Фасино, кој инаку е навивач на Јувентус.
Деј Пјеро е роден во северно-источниот град Конељана, кариерата ја почна во Падова, но се прослави во дресот на Јувентус како настапуваше од 1993 до 2012 година.
Во неполни две децении, за Јуве одигра 705 меча и постигна 289 голови на сите натпреварувања. Освои 19 трофеи од кои 8 Скудета и една титула во Лигата на шампионите.
Легендарниот италијанскиот напаѓач стана Светски првак на СП Германија 2006 и на 91 меч за Италија постигна 27 голови. На 38 години кариерата ја продолжи во Сиднеј, а од оваа сезона настапува во новоформираната индиска лига за тимот на Делхи Динамос.