Тонтон Ѕола Мукоко - епската легенда од Чемпионшип Менаџер 2000/2001

Најпознатиот непознат фудбалер на светот. Култен лик кој многу љубители на легендарната компјутерска игра Чемпионшип Менаџер (денес Фудбал менаџер) ќе го паметат засекогаш.

Скоро и да не постои човек кој бил „заразен“ од CM 2000/2001 а кој не се сеќава на Тонтон Ѕола Моукоко.

Роден во Заир (денешен Демократска Република Конго) на 22 декември 1983-та година, Моукоко имал талент да стане една голема фудбалска ѕвезда на крајот од ХХ век.

Но неговата животна приказна имала трагични моменти. Неговиот неискористен талент и шансата да направи фанастична кариера биле попречени од околности надвор од негова контрола.

Моукоко како мал, на 10 години ги изгубил и двата родители во Заир и како азилант тргнал за Шведска со брат му Федо. Брат му бил постар и се грижел за кариерата на малиот Тонтон. Првите фудбалски чекор ги направил во скандинавската земја.

„Да се напушти домот и да се дојде во Шведска беше многу тешко за мене. Зимно време и многу поразлично во споредба од тоа на што бев навикнат. Сакав само да играм фудбал, играв за мал клуб во Шведска но Федо мислеше дека сум многу добар да играм за нив, па отидов во поголем клуб“, се сеќава Тонтон Ѕола Моукоко за The Offside Rule.

Тој голем тим бил Дјургарден, славниот шведски трофеен клуб, во тој момент 8-кратен шампион на земјата. Во моментот кога почнал со тренинзи за младинските категории на Дјургарден, Моукоко важел за еден од најталентираните млади играчи во земјата. Добил и шведско државјанство во есента 1998-ма и го викнале да игра за репрезентацијата на Шведска У-16.

Веќе следната ’99-та година, Тонтон Ѕола Моукоко добил покани за проба во поголеми клубови, па во април 1999 тренирал со Болоња и Емполи но не се изборил за договор.

„Кога дојдов во Дјургарден се се случи многу брзо. Играв многу добро и скокав годишни категории. Играв многу натпревари и тренирав добро. Многу се развивав. Почнав да играм за младите репрезентации на Шведска бев во Емполи и Болоња и требаше да потпишам договор но на крај имаше некои потешкотии и решив да не се селам“.

АНГЛИЈА И ГОЛЕМАТА СЦЕНА

„Еднаш родителите на еден мој другар од Шведска беа на одмор во Грција и таму во весник прочитале за мене. Имало листа со најголеми таленти, а јас сум бил на 20. место“.

Во 2000-та година, на свои 15 години, Тонтон добива убава понуда од англискиот клуб Дерби Каунти. Токму тоа што таму растура во младинските категории придонело да го стават во игрицата Чемпионшип менаџер.

Но за разлика од компјутерската симулација на која беше најдобро оценет млад играч и кој растураше, во реалниот живот работите не му биле баш така розеви.

„Дерби беше идеално место за мене и моето семејство, многу беше полесно да се селам во Англија и поради јазикот. Уживав и имав прекрасно време таму, но многу нешта се случија. Бев еден од најголемите таленти, се беше во ред и сите чекаа нешто големо да се случи“.

И се случило, но не во позитивна смисла. Додека тренирал за да влезе во првиот тим, го задесила трагедија.

„Брат ми понекогаш одеше за Конго за да работи. Се грижеше за мене и во Шведска откако мајка ми и татко умреа. Еден ден, дознав дека во Конго се отрул и умрел. Од тој момент фудбалот веќе не беше број еден за мене. Премногу ми беше тешко и затоа го напуштив Дерби. Прекинав со фудбал, не сакав веќе да играм“.

Во следните две години веќе не трчал по фудбалските терени. А две години за млад талент се многу долг период во фудбалот. Веќе во 20-те години решил пак да заигра.

„Многу долго време ми требаше да се соочам со тоа. Кога првпат ја напуштив Шведска тоа беше голема вест во земјата, бев еден од најголемите таленти пред појавата на Златан. Во клубот беа разочарани што не земаа пари од мојата продажба, во репрезентацијата на Шведска веќе не ме викаа и никогаш не бев добредојден назад“.

ВРАЌАЊЕТО ДОМА И ПОМОШТА ОД ЛЕГЕНДАРНИОТ ТРЕНЕР

Кога решил од Англија да се врати во земјата во која поминал најголем дел од својот живот, Моукоко се сретнал со човек кој многу му помогнал. Тој човек е еден од најдобрите тренери на сите времиња, Свен-Горан Ериксон.

„Свен многу ми помогна. Ми кажа дека има пријател во еден тим во Шведска, јас отидов и играв таму но веќе не бев на нивото на кое сакав да играм. Кога се вратив во форма веќе ниеден клуб не ме бараше, не ми даваа шанса. Кај не бев, луѓето викаа не без објаснување“.

Љубителите на играта Фудбал менаџер во тоа време го сакаа како икона.

„Едноставно прекинав, бев свој на свое, тренирав сам. Бев осамен дечко кој пробува многу нешта, но работите не одеа како што луѓето мислеа“.

Во следните шест години менувал помали клубови во Шведска, како и во Финска каде заиграл кратко за Атлантис.

„Агентите се сомневаа. Чудно им беше што ги барав за помош, не можеа да поверуваат зошто веќе сметаа дека сум голем и познат играч. Тешко беше да се убедат дека ми треба помош“, додава Моуко.

Пред крајот на кариерата, решил да игра за Конго Јунајтед, тимче од предградие на Стокхолм за кое играат претежно фудбалери од Африка. 

Животот конечно го помилувал Тонтон Ѕола Моукоко. Тој се оженил со љубовта од детството и само месец дена подоцна за првпат станал татко. Му се родил синот Зајон.

„Од губење сè што имав, семејство и фудбал, работите некако тргнаа на подобро. Имам жена, имам дете и стан, не можам да се пожалам. Жена ми, со неа сум од 12 години, преку 20 години сме заедно. Таа ме знае од срце. Дојдов во Шведска како дете и се сретнавме тука во школо, цело време бевме заедно. Среќен сум што ете некои работи излегоа добро, некои не“.

НАЈГОЛЕМА ЛЕГЕНДА ОД ЧЕМПИОНШИП МЕНАЏЕР

Ако во Шведска го памтеле по блескавите игри на терен, на многу страни од светот го знаеа само од фудбалската компјутерска игра Чемпионшип менаџер.

„Луѓе уште се јавуваат и сакаат да знам каде завршив, навивачи пробуваат да ме добијат, праќаат мејлови, пораки. Ме радува тоа. Чемпионшип Менаџер беше чудно искуство зошто луѓето ме чекаа да се појавам, дека ќе станам нешто“.

Интересно, тој дознал дека е ЧМ легенда кога стигнал во Дерби Каунти и ја почнал кариераа во Англија.

„Отидов да играм за резервниот тим во Англија и навивачи доаѓаа за автограми. Јас бев во стил: „Што кој мој се случува“?! Бев младо дете и не разбирав ништо. А дури и играчите од клубот ја играа игрицата. Јан Еват ми ја покажа еднаш, не знаев ништо за тоа. Лудо, еве минатата недела баш добив порака од некој што сакал да ми честита роденден!“

Сега во свои доцни 30-ти години, Моукоко вели дека сака син му да стане политичар, да не игра фудбал. Некое време бил главен тренер на Конго Јунајтед. Одвреме-навреме одржува контакт со познаници од фудбалот во Англија со кои споделува искуства за тактики и формации.