Милан го обнови интересот кон 22-годишниот италијански репрезентативец Федерико Киеза, крилен напаѓач на Фиорентина. Овој интерес на Милан не е спонтан, за ова се зборуваше веќе неколку месеци.
МАЛДИНИ ВЕЌЕ ВОДИ ПРЕГОВОРИ СО ФЕДЕРИКО И ТАТКО МУ ЕНРИКО, А ПОСРЕДНИК Е ФАЛИ РАМАДАНИ
Како што пишуваше Corriere della Sera, Милан веќе настапил во активни преговори со опкружувањето на талентираниот Федерико Киеза за евентуален трансфер. Реномираното издание тврди дека во преговорите е вклучен и култниот агент Фали Рамадани (менаџер е на илјадници фудбалери) кој сепак не му е менаџер на Федерико но е вклучен во преговорите.
Според новинарот-инсајдер Луис Џирарди, Милан и Киеза веќе склучиле устен договор за потенцијален трансфер. Џиради потврдил дека во преговорите е вклучен Фали Рамадани кој бил таинствен посредник.
ОД КАДЕ МИЛАН ИМА ТОЛКУ ПАРИ ДА ГО КУПИ КИЕЗА?
Контроверзниот претседател на Фиорентина, Роко Комисо неодамна имаше тврда позиција за младиот Киеза и изјави дека би го продал само ако добие добра понуда од околу 70 милиони евра. Овие пари за Милан се астрономски во моментов.
Оваа сума ја потврди и Sport Mediaset кој објави дека претседателот на Фиорентина во последните неколку дена ја спуштил потребната сума за Киеза на 50 милиони евра затоа што се помирил со тоа дека Енрико следното лето ќе биде слободен играч и практично би можел да замине бесплатно.
Претседателот Комисо е свесен дека Киеза сака да замине зошто Енрико тоа и го соопштил на управата.
Во меѓувреме Милан прави разни комбинации па така се шпекулира дека ќе и понуди на Фиорентина трансфер од 20-30 милиони евра плус Бразилецот Лукас Пакета кој би добил многу минутажа во Фиренца.
И ЈУВЕНТУС СЕ ИНТЕРЕСИРА ЗА КИЕЗА, НО ЕНРИКО ВО МИЛАН БИ МОЖЕЛ ДА СТАНЕ ЛИДЕР
Освен Миланезите, за услугите на најталентираниот италијански млад фудбалер се интересира и шампионот Јуве.
Како што пишува Sempre Milan, ако треба да бира, Киеза би го одбрал Милан од причина што одамна навива за овој клуб (во Италија овој факт често се испоставил за пресуден) и што таму ќе се сретне со другар му Сандро Тонали, уште еден бисер на италијанскиот фудбал сметан за новиот Пирло.
Управата на Јувентус притоа одлучно решила прво да продава за да ослободи простор за нови засилувања. Наводно додека не ги продаде Даглас Коста, Арон Рамзи и Матуиди, Јувентус нема намера да носи нови засилувања. Паоло Малдини, оперативниот директор на Милан втора година по ред ќе треба да води тешки преговори и да прави разни комбинации за евентуален трансфер на Феде Киеза.
Интересно е што и Енрико Киеза (легендата на Парма и Фиорентина) имал многу срдечен однос со Паоло Малдини и лично би преговарал со него за трансфер на синот на „Сан Сиро“.
Малдини бил во одличен однос и со менаџерот Фали Рамадани кој учествува како посредник и кој може многу да влијае од неколку причини:
Рамадани е менаџер на крилото на Милан Анте Ребиќ за кого росонерите водат преговори со Ајнтрахт Франкфурт со цел да го откупат целиот договор на Хрватот по сјајната сезона во Серија А.
Е сега следува најинтересниот дел. Пазете:
Ајнтрахт на времето за 2 милиони евра го откупил договорот на Анте Ребиќ со Фиорентина (Хрватот играше кратко во Фиренца) а „виолетовите“ во договорот ставиле клаузула за 50% заработка од следниот трансфер, т.е. половина од сумата која Милан ќе ја плати на Германците за Ребиќ (се со цел Фиорентина што повеќе да ја намали сумата за трансфер на Киеза подоцна).
Колку сложена, толку и проста операција на Милан.
Пример: Милан да го откупи договорот на Ребиќ за 30 милиони евра од кои 15 милиони би отишле за Фиорентина (+ во книги би се завел пораст на капиталот за 15 милиони евра), па после по џентлменски договор да го купи Киеза за условно 40 милиони евра (па прираст на капиталот за уште 40 милиони евра).
Ајнтрахт би добил достојна компензација а Фиорентина огромна компензација и прираст на капиталот. Милан би добил двајца врвни играчи под свој договор и сите страни би биле задоволни.
Треба да се има предвид дека Милан и покрај тоа што има право на уште 1 сезона позајмица на Ребиќ, се решава да го откупи неговиот договор. Сега е јасно од кои причини.
Фали Рамадани е менаџер и на стоперот на Фиорентина Никола Миленковиќ за кого од скоро активно се интересира и Милан меѓу другите.
АКО КИЕЗА ПРЕЈДЕ ВО МИЛАН ЌЕ СТАНЕ ЧЕТВРТИ ТОП ИТАЛИЈАНСКИ ФУДБАЛЕР НА РОСОНЕРИТЕ
Ако целава замрсена ситуација околу трансферите Паоло Малдини успее да ја одмрси, тогаш гигантот од „Сан Сиро“ во својот состав ќе ги има најдобрите италијански млади фудбалери: Сандро Тонали, стоперот Ромањоли, голманот Донарума и крилниот напаѓач Федерико Киеза, фантастична четворка која цела Италија ја гледа за носители на репрезентацијата во следната деценија.